Сашо Димоски: Од аспект на уметничка провокација, Ана Комнена е мојот женски Хамлет

Точка

06/12/2016

12:18

9.406

Големина на фонт

а а а

За жал со Сашо не успеавме да се сретнеме во Скопје, голем дел од времето сега го поминува во Велес, но среќа, се имаме сретнато безброј пати претходно па оваа празнина од последното (не)гледање можеше лесно да биде пополнета.

Чувството како да живеел 7 животи и носи меморија од сите нив е неизбежно кога Сашо ќе почне да зборува... а можеби и затоа му успева да биде еден од најплодните млади писатели.

Оваа година доби две престижни награди, Националната награда за проза „Рациново признание“ за романот „Петтото годишно време“ и наградата на конкурсот на Министерство за култура на Р. Македонија за откуп на најдобра драма за текстот „Госпоѓиците од Авињон“.

Зад себе остава активна и успешна 2016. година. Како еден од своите најголеми успеси го издвојува запишувањето на докторат на Факултетот за драмски уметности, катедра за театрологија.

Годината, ќе ја круниса со најголема продукција на Велешкиот театар со праизведбата на „Ана Комнена“.

Со полна душа и буржоаско однесување кое плени и пренесува во некоја друга ера, Сашо Димоски

Kакво е чувството кога на сцена го гледаш како се одигрува текстот кој си го напишал? Го преживуваш ли целиот процес кој поминувал низ твоето тело и емоции одново?

Чувството секогаш ме врзува за процесот на создавање на претставата – од позиција на автор, додека од позиција на гледач – секогаш си дозволувам да се изненадам од валерите на актерската игра, бидејќи по премиерната изведба се разделувам од претставата. Таа им припаѓа на актерите и на публиката.

На крајот на оваа година те очекува голем предизвик, тебе и целиот тим кој работи на подготовките околу праизведбата на „Ана Комнена“. Велат, ова е најголема продукција на Велешкиот театар за оваа година?



„Ана Комнена“ е една од помасовните продукции во новата театарска зграда, додека текстот е второрангиран на конкурсот за драмски текст со кој се отвори новиот театарски објект. Екипиран е речиси целиот ансамбл на театарот, како и неколку гости. Режијата е на Ненад Витанов, костимографијата на Раде Василев, сценографијата на Валентин Светозарев, авторската музика за претставата е на Сашко Костов, додека насловната улога ја толкува Кети Борисовска. Станува збор за голема продукција пред сѐ заради епохата која треба да се реконструира на сцена – Византија од XI век, нејзиниот процут за време на династијата Комнени. Поаѓајќи од историската околност, станува збор за текст, односно – претстава која е инспирирана од биографиите на ликовите и нивните меѓусебни односи од една страна – и промислувањето на безвременските концепти за Бог и власт од друга страна, а сето ова под превезот на претставата која е позиционирана од проблематиката на родот. Сумирано, очекувам „Ана Комнена“ да биде автентичен и автохтон театарски производ кој иако е инспириран од историската фактографија – силно ќе комуницира со современиот гледач.

Која е Ана Комнена?



Ана Комнена е парадигма, пример, образец, таа е архетип на ниво на тема и на ниво на идеја, подеднакво. Ана Комнена е автентична појава и не би можел да ја споредам со ниту еден друг хабитус. Поаѓајќи од историската граѓа, таа е идеолошки револуционер: борец за човечките права, писател, историчар, филозоф, таа е обележје на една епоха, духот на една епоха. Ана Комнена е доказ, историски факт за погрешното толкување на Средниот век како темен век. Таа е искрата во европскиот средновековен мрак: нејзиното време е дел од мозаиците на Сан Марко во Венеција, дел од историјата на Аја Софија во Истанбул, таа е феминист десет века пред феминизмот, таа е хроничар на своето време. Лично, од аспект на уметничка провокација, Ана Комнена е мојот женски Хамлет.

Порано годинава, во Велес се постави и претставата „Медеја“, по твој текст а во режија на Ненад Витанов. Поправи ме ако грешам, но забележувам дека нешто силно те привлекува кон овие жени, што е тоа?

Нивната автентичност. „Медеја“ и „Ана Комнена“ се автентични појави од некое друго време, но нивното значење на ниво на есенција до ден денес не се променило. Од друга страна пак, и двете пиеси се мој личен обид за влез кон биолошки непознатото, а со тоа и емоционално недостижното. Магнетизмот кој го носат со себе е неодолив, тој е отстапка од секој норматив и токму затоа примамува да се враќате кон суштините кои овие карактери ги носат со себе надвор од просторно-временските одредници. Многуслојноста на нивните биографии и на нивниот претпоставен емоционален апарат ја тангира секоја сегашност и затоа се вечно актуелни.

Дали во нивното друштво припаѓа и Алма Малер?



Како отстапка од нормата во секоја смисла се дел од истото друштво, со тоа што Алма Малер ги поврзува времето и просторот на ниво на муза на капитални автори и нејзиното дејствување е тесно поврзано со нивната уметност, исто како што судбината на Ана е тесно поврзана со историските факти, а онаа на Медеја со митската околност. Отстапката е секогаш маркација сама за себе.

Најдобриот српски издавач, Лагуна, ја издава „Алма Малер“. Книгата, преведена на српски, излезе во продажба оваа недела, а промоцијата е на почетокот на следната година. Dalkey Archive Press, еден од најдобрите издавачи во светот, се заинтересираа за две твои книги, „Алма Малер“ и „Петтото годишно време“, па и двете ќе добијат свои англиски изданија. Што ова значи за млад автор како тебе?

Логичен след на настаните кога човек знае точно кој е, од каде е, каде тргнал и каде сака да стигне. Секако, сѐ поаѓа од соработката со мојот издавач „Култура“ која до сега издаде четири мои книги, а веќе се работи на идеи за следни проекти. Хоризонтот на емоционално очекување на читателот секаде во светот е ист: луѓето се врзуваат и сакаат универзални приказни за кои не постојат јазични бариери, приказни кои се чиста рефлексија на чувствата, бидејќи на секој крај од светот исто се чувствува, само што чувствуваме на различни јазици. Преводот е можност овој принцип да стане достапен на глобално ниво, заради значењето кое во себе го носи и го еманира.

„Госпоѓиците од Авињон“ беше прогласен за нов, европски момент во македонската современа драма, прв голем исчекор после ММЕ на Дуковски. Во што се состои оригиналноста на овој текст и дали наскоро ќе можеме да го видиме на некоја од македонските театарски сцени?



Станува збор за фантазмагорична реконструкција на истоимената слика на Палбо Пикасо, кој во пиесата е позициониран како вечното зуење на една мува, додека куртизаните од платното се претворени во жени од неговиот живот, па преку нивните биографии се навлегува во значењето кое Пикасо го има во глобален контекст. Текстот е спој на очигледното и зачудното, спој на имагинацијата на сликарот и моето видување за неговата имагинација, поставена во образот на фрагментарната драматургија, потпрена на постулатите на сетилниот театар. Што се однесува до постаувањето на текстот на сцена, сметам дека пишувањето драмски текстови е бесмислено доколку тие не се артикулираат на сцената и се надевам дека за скоро време текстот ќе биде поставен на некоја од сцените во Македонија, но и надвор од границите.

Охриѓанец, со долгогодишно бидување во Скопје, во последниве неколку години на релација Велес-Скопје, повеќе Велес. Што од Велес најмногу те радува?



Театарот и пријателите кои театарот ми ги донесе во животот.

Во 2017 ќе одберам да...?

Ќе одберам да продолжам да го следам сопствениот сон, со широко отворени очи.

ЗА АВТОРОТВо овој дел на порталот „Точка.мк“ ќе можете да ги следите моите интервјуа.

Тие ќе ги следат сетилата на гостите, односно нивното согледување на светот и животот низ петте основни сетила (вид, слух, мирис, вкус и допир) и интуицијата како шестто сетило. Холистички пристап кој ќе дозволи интимно да ги запознаете моите говорници.

Отсекогаш сметам, дека една од моите најголеми предности е опкружувањето со луѓе кои не се плашат да им веруваат сетилата и кои дозволуваат оние околу нив да учат низ нивното искусување. Тоа се надевам, дека на овие „страници“ ќе најдете инспирација, идеја, начин, поинаков поглед, ќе откриете нова уметност, филм, книга, музика...

Искрено сонувам дека овие интервјуа ќе отворат теми за размислување, идеи, начин на соочување со реалноста што кај Вас ќе предизвика скокоткање на разбудена фантазија.

На кое од Вашите сетила Вие најмногу се потпирате? :)

Искрено,
Ана




Спонзорирани линкови

Маркетинг