Путин смета дека СССР не требало да се распадне: Сè можеше да се реши со демократски промени

Точка

23/09/2016

18:00

3.719

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Русија, Владимир Путин смета дека Советскиот Сојуз не требало така лесно да се распадне.

Како што вели Путин, сите работи требало да бидат решени по демократски пат со демократски промени. Меѓутоа, Комунистичката партија промовирала деструктивни идеи за земјата, истакна рускиот претседател на состанокот со првите луѓе на руските партии во Кремљ.

„Го знаете мојот став за Советскиот Сојуз. Не требаше да се прави тоа. Можеше демократски да се трансформира. Меѓутоа, сакам да го нагласам тоа дека на чело на нашата поранешна татковина СССР, се наоѓаше Комунистичката партија. Не некоја друга која би промовирала национализам или некои други деструктивни идеи кои се погубни за нашата држава“, нагласи Путин.

Путин и претходно ја има критикувано економската политика на поранешниот Советски Сојуз, но истовремено рускиот претседател повикува историјата да се проучи, без величење на некои работи и без оцрнување.


Притоа, Владимир Путин изјави дека Ленин и неговите сојузници „ставиле атомска бомба под зградата која што се вика Русија и која потоа експлодирала“.

Владимир Путин потсетува дека Ленин и Сталин имале бројни несогласувања во врска со изградбата на новата држава. На крајот истата била изградена со можност за излегување на нејзините членки од составот на државата.

Инаку, за претседател на Државната дума, Владимир Путин го предложил Вјачеслав Володин, првиот заменик шеф на администрацијата на претседателот на Русија.


„Сметам дека тој знае најдобро што е тоа собраниска работа. Самиот беше пратеник, беше во администрацијата на претседателот, одржуваше директен контакт со пратеничкиот корпус, со лидерите на партиите, партиите... тоа влегуваше во кругот на неговите професионални обврски досега“, изјави Путин и додаде:

„Се надевам дека сето тоа ќе му помогне да работи во Долниот дом на Парламентот, ако, секако, пратениците го изберат него“, изјави шефот на руската држава на состанокот со лидерите на најголемите политички партии во Русија.

Вјачеслав Володин на тоа место ќе го замени Сергеј Наришкин кој од страна на Владимир Путин беше именуван за директор на руската надворешна разузнавачка служба „СВР“.


Спонзорирани линкови

Маркетинг