„Valencia Lounge Hostel“, дизајнерски рај во срцето на Валенсија

Точка

31/08/2016

15:43

3.094

Големина на фонт

а а а

Пријатна експлозија од топли бои, сончева атмосфера и креативен удобен мебел се чита во ентериерот на новиот хотел „Valencia Lounge Hostel“ во стариот дел на Валенсија. Новиот хотел, во кој добивате желба да останете засекогаш поради фантастичната комбинација на идеи, бои и мебел, го уреди шпанското дизајн-студио „Masquespacio“, пренесувајќи го во ентериерот својот ведар и игрив дизајнерски дух.

Секоја соба и просторија во хотелот од 236 метри квадратни е различна од другите, има свој уникатен дух и дизајн. Она што ги спојува се смелите колоритни комбинации и графичкиот дизајн за ѕидовите, мебелот и за декорот.
„Masquespacio“ при архитектонската интервенција направиле студија на старата архитектура и елементи на објектот, кој имале за задача да го трансформираат во удобен современ простор и пријатен привремен дом за туристите во градот. Во просторот се задржани старите елементи како графичките плочки, старите тавани и дрвените балконски врати и прозорци што го задржуваат автентичниот дух и архитектура на градот.


Старите архитектонски елементи се испреплетени со современи дизајнерски парчиња, естетика и декор. Идејата била просторот да го избегне типичниот хотелски изглед и да ја има онаа домашна удобност, непосредност и пријатност.
„Идејата беше да креираме чувство како гостите да престојуваат во сопствен дом, но дом во кој сонуваат, се исклучуваат од јавноста и уживаат во ново искуство додека се на одмор“, вели Ана Милена Хернандез Паласиос од шпанското дизјанерско студио.


Како што објаснуваат од студиото во допис за Design.mk, секоја соба има поинаков изглед што може да одговара на различните стилови и вкусови на гостите на хотелот. Секој ѕид има поинаков дезен од игриви сурф-даски, музички ноти, етно-дезен. Декорот и ламбите се дизајнирани специјално за потребите на хотелот, а искористен е мебел со скандинавски и ретромодерни црти во силни бои, кој хармонично се вклопува во целиот простор.










Спонзорирани линкови

Маркетинг