Груевски: Ќе треба да се правдам, иако немам никаква вина

Макфакс

10/06/2016

16:23

2.467

Големина на фонт

а а а

Човекот кој не го признава судот и кој има огромен криминал се обидува мене и моите соработници да не прикаже исти или слични како него и сега ќе треба да се правдам, иако немам никаква вина, изјави поранешниот премиер и актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по распитот пред Судија на претходна постапка во Основниот суд 1, за случајот "ТНТ".

Груевски, алудирајќи на лидерот на опизициската СДСМ, Зоран Заев, обвини дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО), преку Заев сака да го оцрни него и неговите соработници.

„Бев повикан во судот затоа што Катица Јанева изразила сомнеж дека ќе ја напуштам земјата. Не знам дали некој во државава верува во тоа, но се гледа дека СЈО прави чекори кои се нарачани и најверојатно тоа го посакува нивниот нарачател кој во неколку наврати изјави дека не ги признава македонските судови. Веројатно тоа е негова желба, но тоа ниту ќе го сторам, ниту е вистина, ниту ќе му ја исполнам неговата желба.. Свесен е за својот политички рејтинг, свесен е дека изборите наближуваат и преку контролата што ја има врз луѓето во СЈО се обидува да ги изрелативизира рабтоите и да се обиде преку вакви апсурдни покани во судот, и мене и моите соработници да нé прикаже слични као него“, рече Груевски.

Според него, ова е трет начин на којшто се обидува да го промени мислењето на народот за Груевски

„Човекот кој рече дека не го признава судот и кој има огромен криминал се обидува преку вакви апсурди во Судот мене и моите соработници да не прикаже исти или слични како него. Тој се обиде во текот на минатата година преку неговите прес-конференции на кои се се објавуваа фабрикуваните материјали и не успеа. Потоа се обиде со тоа што издејствува 100 дена пред изборите да има влада за спроведување на избори, верувајќи дека на тој начин ќе доје на власт, дека ќе го промени мислењето на граѓаните, не го промени и сега се обидува на трет начин, на начин на кој постојано ќе бидам повикуван за апсурдни причини во судот и ќе треба да давам вакви изјави и да се правдам иако немам никаква вина, за народот да го промени мислењето и да почне да мисли дека можеби и ние сме слични на него“, рече Груевски.



Тој не одговараше на новинарски прашања со образложение дека се брза за на настан.

Груевски беше на распит во Судот еден час за уривањето на станбено - деловниот објект „Космос“, во сопственост на Фијат Цаноски, кој според СЈО бил урнат поради политичка одмазда.

Груевски во овој случај е првоосомничен, а осомничени се и поранешниот Министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски.

СЈО за сите нив бара да бидат одредени мерки за претпазливост. Судот во петок соопшти дека ќе одлучува по предлозите на СЈО и дека за сите осомничени е пратена покана. Во Судот на распит дојде и градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски., а се очекува да дојде и Јанакиески.

Сите случаи на СЈО, по поништувањето на одлуката за аболиција на Претседателот Ѓорге Иванов продолжуваат да се истражуваат.


Спонзорирани линкови

Маркетинг