Груевски на распит во Судот за случајот "ТНТ"

Макфакс

10/06/2016

15:03

3.025

Големина на фонт

а а а

Поранешниот премиер Никола Груевски и претседател на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ дојде на распит во Основниот суд Скопје 1 за да даде исказ пред судија на претходна постапка за случајот "ТНТ".

Судот ги повика на распит функционерите од владејачката ВМРО-ДПМНЕ кои се осомничени во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство.

Од Основниот суд Скопје 1 испратија соопштение во кoе соопштуваат дека Судија на претходна постапка во текот на денот ќе постапува по предлозите на СЈО.

„Сите предлози се распоредени кај судии на претходна постапка кои во текот на денешниот ден ќе постапуваат по наведените предлози, а лицата ќе бидат повикани веднаш да се јават во судот. Имајќи предвид дека лицата за кои од СЈО е предложена мерка притвор не се обезбедени на друг начин, судот ќе ги примени одредбите од ЗКП, а согласно досегашната практика на постапување по предмети во изминатиот период“, се вели во соопштението.

Од соопштението може да се заклучи дека тие треба да дојдат во Судот во текот на денешниот ден, бидејќи токму денеска ќе одлучува Судијата на претходна постапка.

Од Судот официјално не соопштуваат кога точно ќе дојдат осомничените на распит.

Специјалното јавно обвинителство бара мерки за претпазливост за поранешниот премиер и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски за случајот „ТНТ“ односно незаконското рушење на станбено деловниот простор „Космос“, кој според СЈО, бил срушен заради политичка одмазда, а е во сопственост на Фијат Цаноски.


Мерки за претпазливост се бараат и за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за случајот „Тврдина“, односно за незаконското уништување на опремата за прислушување. За овој случај СЈО предлага притвор за началникот на Петтата управа, Горан Грујовски.

Притвор се бара и за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, за случајот „Транспортер“ односно за малверзациите со училишниот превоз.

По поништувањето на одлуката за аболиција на Претседателот Ѓорге Иванов, СЈО прдолжува со сите истраги што ги отвори, меѓу кои случајот „Пуч“, кој е веќе во Судот, случајот „Титаник“, за изборните нерегуларности, како и со случајот „Тортура“ во кој првоосомничен е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

За него СЈО не предлага никакви мерки, ниту притвор, ниту мерки за претпазливост. Мерки за претпазливост се бараат за командирот на „Алфите“ Ивица Антевски Пуки кој е осомничен за нечовечко однесување при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Предлогот за мерки за претпазливост за Антевски и другите осомничени во овој случај Судот еднаш го отфрли, бидејќи во тој период беше на сила одлуката за аболиција за него.

Ова решение е обжалено со што решението на судијата е укинато и вратено на повторно одлучување.


Спонзорирани линкови

Маркетинг