Попоски: Интересот на Германија и доаѓањето на Хајндл се позитивен сигнал за земјата

Макфакс

11/05/2016

14:47

516

Големина на фонт

а а а

Фактот што Германија покажува интерес и сака да биде директна вклучена во процесите во Македонија, а со тоа и доаѓањето на германскиот специјален претставник Јоханес Хајндл во Македонија во четврток се позитивен сигнал за земјава, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

„Има најмалку две работи за кои Германија може да ни помогне. Првата се однесува на зацврстување на кредибилитетот на повеќе повторени ветувања за тоа дека Македонија има иднина во рамки на ЕУ. И мислам дека тоа е сигнал кој треба да го очекуваме од Берлин. И втората работа е сигналот дека постои интерес кај Германија да биде вклучена со што де факто се испраќа и сигнал дека не сме оставени сами на себе во еден долг временски период да имаме неизвесност околу можностите воопшто да се приближуваме кон ЕУ во услови во кои самата ЕУ е соочена со сопствени предизвици“, рече Попоски, кој во средата се обрати пред студентите од Виенската дипломатска академија во македонското МНР.

Министерот за надворешни работи се осврна и на можните сценарија за повлекување на препораката од страна на Европската комисија за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, нагласувајќи дека треба да се направи се за ова да не се случи.

„Тоа би било негативно за Македонија во кој било аспект, од економски, од политички аспект, како и од аспект на нашите аспирации за членство во ЕУ. Затоа мислам дека треба да направиме се такво нешто да не се случи и мислам дека ова треба да го гледаме во една поширока рамка. Македонија веќе шест години има докажано, покажано и тоа е утврдено и од ЕК и од ЕП, дека е способна и нема никакви пречки да води преговори за членство со ЕУ. Знаеме која е клучната пречка за водење преговори. Секако дека во тој временски период поголем е ризикот да се зголемат фрустрациите и да се изгуби од видик пошироката слика за членство на Македонија во ЕУ“, порача министерот.

Во поглед на тоа до каде е процесот за изнаоѓање решение за политичката криза, Попоски изјави дека што поскоро се постигне решение - тоа подобро, и дека ова решение пред се треба да биде производ на македонските политички фактори.


Спонзорирани линкови

Маркетинг