"Многу сум загрижен поради вестите кои ги добиваме поради затворањето на сè поголемиот број европски граници на балканската рута, бидејќи тоа ќе предизвика дополнителен хаос и конфузија", рекол Гранди при посетата на грчкиот остров Лезбос.
Околу 8.000 бегалци и мигранти се "заглавени" во Грција, откако Македонија во неделата забранила влез на Авганистанци и вовела построги контроли на документите за Сиријци и Ирачани. Тоа навело и други земји на бегалската рута да одбиваат влез на групите Авганистанци.
"Тоа ќе го зголеми товарот за Грција, која веќе и онака презема голем дел од одговорноста кога станува збор за прифаќањето на бегалците, а се случува во момент кога немаме алтернатива", рекол Гранди.
Тој додал дека степенот за примена на програмата на ЕУ за распоредување на околу 160.000 бегалци од Грција и Италија во други држави членки е "премногу низок", а дека новиот план за директно раселување на бегалците од Турција "сè уште не почнал да се применува".
"Затоа затворање на границите или нивна остра контрола, во отсуство на легални и безбедносни алтернативи за бегалците, ќе го интензивира хаосот и веројатно ќе го зголеми илегалното движење на луѓе, кое ги доведува во опасност", изјавил шефот на UNHCR.
Лезбос е првата точка во Европската унија на која пристигнуваат илјадници бегалци и мигранти, откако го преживеале опасниот пат од соседна Турција, барајќи подобра иднина во Европа.
Само од почетокот на годината повеќе од 100.000 бегалци го минале Медитеранот и пристигнале во Грција и Италија, додека истовремено 413 луѓе загинале во обид да го направат истото, соопштила денес Меѓународната организација за миграција.