Поради долгови затворен "Керфур" во Сити Мол?!

Макфакс

05/02/2016

10:13

8.564

Големина на фонт

а а а

Хипермаркетот на светски познатиот трговски синџир "Керфур" во Сити мол од четвртокот е затворен, а неколку македонски фирми кои го снабдувале маркетот имаат милионски побарувања.

Според информациите до кои дојде телевизијата Телма, долгот кој тие со месеци не можат да го наплатат можеби достигнува десет милиони евра.

Во изминатите месеци забележителни беа празните рафтови во маркетот, со само неколку производи, а поголем дел од касите беа затворени.

По празниците во јануари, вработен во маркетот испрати фотографии и писмо до медиумите во кое се пожали дека не им биле исплатени плати.


„Немам земено плата од ноември, не лажат само, ни К15 не ни пуштија, пројде Божиќ на децата немав што да им однесам дома. Лиценцата им истече на 31.12.2015. Еве ви слики да видите колку бедно изгледа маркетот. Никој ништо не им кажува ниту на вработените, ниту на купувачите“, стоеше во писмото.

Педесетина членки на Стопанската комора на Македонија, кои имаат побарувања од фирмата ЦМБ Балканс Скопје ДООЕЛ, носител на франшизата "Керфур" во Македонија, пред неколку дена одржале состанок, на кој одлучиле за ваквата ситуација да ја информираат и Владата.

Тие ќе побараат во овој случај да бидат вклучени и Финансиската полиција, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи.


Инаку, хипермаркетот "Керфур" се простира на површина од 4.650 квадратни метри и е еден од најголемите во земјата. Почна со работа пред три години кога и се отвори трговскиот центар „Сити мол“ и беше еден од најпосетуваните маркети. Рафтовите беа преполни со најразлична стока од домашни и странски брендови, нудеше пристапни цени, имаше секојдневни акции и попусти.

"Керфур" е француски синџир на маркети, а сопственик на маркетот во Скопје е грчката компанија Маринопулос.

Ова беше единствениот продажен објект на "Керфур" во Македонија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг