Уште петмина уапсени во рациите во Брисел

Макфакс

23/11/2015

14:49

639

Големина на фонт

а а а

Уште пет лица се уапсени во понеделникот во Брисел и во Лиеж, во врска со терористичките напади од 13-ти ноември во Париз, се вели во соопштениот на федералниот обвинител во Белгија.

Претходно ноќта во неделата белгиските власти го потврдија апсењето на 16 лица за време на антитерористичката операција која се спроведуваше во неколку населби на Брисел и во Шарлроа, чија цел беа лица поврзано со париските атентати.

„Во рамките на операција спроведувана од изминатата ноќ, утрово се извршени дополнителни пет претреси во регионот на Брисел и две во регионот на Лиеж, во текот на кои се приведени пет лица“, се наведува во соопштението на белгиското обвинителство од понеделникот, што го цитира агенцијата Belga.

Во него се додава дека 21-то лице приведено изминатата ноќ и во понеделникот, се испрашувани во полицијата, како и дека за нивното останување во притвор подоцна во понеделник ќе решава обвинителството.

Белгиските власти овој викенд на подрачјето на Брисел го воведоа 4-то највисоко ниво на тревога, додека во остатокот од земјата опасноста од можни терористички напади останува на 3-то од скала со четири нивоа. Во саботата и неделата постојките на подземната железница останаа затворени, како и трговските центри и повеќето продавници и локал во центарот на градот.

Премиерот Мишел повтори дека „постојат индикации дека цели на нападите би можеле да бидат шопинг центри и улици со поголема концентрација на продавници“.

Како последица на одлуката за продолжување на тревогата на највисокото можно ниво училиштата и факултетите во Брисел ќе останат затворени во понеделник, додека јаслите и детските градинки ќе работат за да им се овозможи на родителите да одат на работа. Остануваат затворени, исто така, и метрото и деловите од трамвајските линии кои одат под земјата.

„Ситуацијата повторно ќе биде разгледана во понеделник попладне“, рече премиерот Мишел.


Спонзорирани линкови

Маркетинг