Специјалното обвинителство утврдува кој предмет има приоритет

Макфакс

23/11/2015

12:15

1.866

Големина на фонт

а а а

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно Специјалното обвинителство ги анализира податоците што му ги достави Јавното обвинителство и утврдува кој од предметите има приоритет за веднаш да се преземе.

Во денешното соопштение што го испрати Специјалното обвинителство до јавноста најавува детали за преземањето на предметите за во четврток.

Јавното обвинителство и предаде на Специјалната обвинителка 35 предмети кои произлегуваат од прислушуваните разговори коишто ги објави опозицијата против високи функционери на власта.

За секоја бомба, обвинителството отворило предмет и податоците за предметите коишто ги побара специјалната обвинителка, Катица Јанева и се предадени.

Јанева работи со 12 помошници обвинители кои веднаш по изборот биле на обуки во периодот од 09.11.2015 година до 20.11.2015 година. Во денешното соопштение Јанева ја информира јавноста што сработиле за периодот од кога што е формирано новото обвинителство.

Обвинителството во соработка со Министерството за правда изготвило Предлог Закон за јавно обвинителска служба, кој е неопходен за екипирање на обвинителството со стручен, истражен и административен кадар.

„Предлог Законот е изготвен врз основа на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со целосно искористување на компаративните искуства за организираност на вакво обвинителство. Предлог Законот е доставен до Владата на Република Македонија, а како предлагач се јавува Министерството за правда. Очекуваме Предлог Законот да биде ставен на дневен ред на првата седница на Владата на Република Македонија, по што во итна постапка ќе биде ставен на дневен ред и во Собранието на Република Македонија и ќе се пристапи кон негова целосна имплементација“, соопштуваат од Специјалното обвинителство.

За време на обуките Јанева со својот тим донеле оперативен план за делување на ова Јавно обвинителство и ги изготвиле сите административни акти неопходни за непречена работа.

„Организиравме и активности поврзани со средување на просторот каде обвинителството ќе биде сместено. Со оглед дека активностите околу средување на просторот бараат одреден временски период, а имајќи ја предвид итноста од наше предметно постапување, закупивме простор во кој привремено ќе бидеме сместени. Сепак, официјалните постории на ова Јавно обвинителство остануваат во Министерството за правда и во оваа насока Ве известуваме дека седиштето на Министерството за правда (ул.Димитрие Чуповски бр.9, Скопје) е адреса за кореспонденција со ова Јавно обвинителство, додека електронска пошта на обвинителството е: onsk.info@gmail.com. Во овој контекст со цел доследното почитување на начелото на транспарентност и покажувајќи почит кон интересот на јавноста, оформена е и фејсбук страница, каде редовно ќе бидат објавувани нашите соопштенија и ставови околу одредени актуелни прашања“ , соопштуваат од Обвинителството.

Линк до фејсбук страницата: https://www.facebook.com/Специјално-јавно-обвинителство-650104671759753/timeline?ref=page_internal’

Медиумите објавија дека тимот на Јанева работи во хотел во Скопје додека бидат готови новите простории.


Спонзорирани линкови

Маркетинг