Путин: Русија не сака да биде лидер во Сирија, туку да придонесе во борбата против тероризмот

Макфакс

13/10/2015

20:20

1.457

Големина на фонт

а а а

Русија не тежнее кон водство во Сирија, туку сака да придонесе во борбата против тероризмот кој го загрозува целиот свет, изјави во вторникот рускиот претседател Владимир Путин на форумот „Русија повикува“ во Москва, и ја критикуваше неподготвеноста на САД да соработуваат, а оцени и дека најлошиот период од руската економска криза е минат, како и дека нема алтернативи за мировниот договор од Минск за украинската криза.

„Ние не тежнееме кон лидерство во Сирија. Во Сирија можеме да има само еден водач – сирискиот народ. Ние тежнееме кон тоа да го дадеме својот придонес во борбата против тероризмот, кој е опасен и за САД и за Русија и за европските држава, а из а целиот свет, без претерување“, истакна рускиот претседател Владимир Путин во рамките на неговото излагање на инвестицискиот форум „Русија повикува“.

„Нашите партнери имаат збрка во главата“, заклучи Путин одговарајќи на прашања од новинари и учесници на форумот. Коалицијата предводена од САД го призна неуспехот на својата мисија за обука на некои групи од сириската вооружена опозиција, потсети Путин. „Признаа дека таа акција не успеа, а сега само ја расфрлаат муницијата“, додаде.

САД, иако повеќе од една година спроведуваат воздушни операции врз позиции на Исламската држава во Сирија без мандат на ОН или во договор со владата во Дамаск, се противат на руската таква интервенција која влезе во втората седмица и е по бараше на владата на претседателот Башар ал-Асад. Вашингтон, наместо тоа одбра во борбата против џихадистите да им помогне на сунитските бунтовници кои ги смета за „умерени“ да им испорачува оружје и муниција, и во неделата со падобрани достави муниција за нив во северниот дел на Сирија.

Зборувајќи за американското вооружување на некои групи од сириската опозиција, Путин рече дека се поставува прашањето дали тоа оружје не доаѓа во рацете на терористите од Исламската држава. Имено, програмата за обука на сириските опозициски борци, САД ја сопреа токму затоа што првата група од стотина борци кои ги обучија го предаде оружјето или сосе него мина во редовите на другата џихадистичка групација Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда.

Русија побарала од САД да ги покаже целите кои според нив се „стопроцентно терористички“ и каде треба да нападен, но не добила одговор, истакна натаму Путин во говорот кој директно беше пренесуван онлајн. Покрај тоа, дејствувањето на Русија е целосно во согласност со Повелбата на ОН и со меѓународното право, за разлика од операциите на САД и коалицијата коишто ја предводат, продолжи рускиот претседател.

Сегашната соработка со Западот во поглед на Сирија не е доволна, смета Путин и истакнува дека САД и ЕУ треба да го охрабрат политичкиот дијалог меѓу судрените страни во Сирија.

Имено некои западни земји, кои првично го држеа цврстиот став дека преговорите и политичката транзиција на Сирија мора да се одвива без претседателот Башар ал-Асад, кој е руски сојузник, во последно време се согласни тој да учествува во преговорите, но дека потоа мора да замине од политичката сцена. Самиот Асад, во што ја има поддршката од Москва, смета дека за тоа мора да одлучуваат само Сиријците.

„Доколку сакаме ефикасно да дејствуваме, треба таа работа да ја подигнеме на сериозно, на конкретно ниво“, смета Путин.

Според него, исто така е многу важно да се работи и со земјите во регионот, како Турција, Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Ирак... „Потребно е да се видик како на антитерористичкиот план може да се градат односите со Турција, приоритетниот партнер на Русија, која е загрижена поради курдскиот фактор и борбата против тероризмот“, рече Путин.

Споменувајќи ги состојбите со Украина, рускиот претседател изјави дека нема алтернатива за мировниот договор кој во февруари го парафираше во белоруската престолнина заедно со колегите од Украина, Франција и Германија. „Веќе имам кажано, и сакам да кажам уште еднаш нема алтернатива за договорот од Минск“, порача Путин.

Смета дека кулминацијата на кризата во руската економија е мината, и оти таа се прилагодува на променетите услови, што е првиот знак на стабилизирање. Владата и Руската народна банка покажаа доследност и дека се способни да постигнат резултати во кризни ситуација, заклучи Путин.

Тој го спомена и проектот на гасоводот „Северен ток 2“, кој всушност го удвојува количеството руски природен гас испорачан за Германија од сегашното ниво, истакнувајќи дека неговата цел е да се снабдува Европа со гас, а некому да му се одземе приходот од транзитот, како што во прв ред стравува Украина, а и Словачка.


Спонзорирани линкови

Маркетинг