Владимир Путин предупреди на можноста оружјето и муницијата кои Вашингтон ги доставува во Сирија дека повторно можат да паднат во рацете на џихадистите од Исламската држава.
„Сега соопштија дека со авиони доставуваат муниција на „Слободната сириска војска“. Каде е таа војска? Нема ли таа муниција повторно да падне во рацете на Исламската држава како што тоа веќе се случи? Кој го гарантира тоа?“, запраша Владимир Путин на инвестицискиот форум "Russia Calling".
„Само што заврши тоа, само што дури и во Соединетите Американски Држави признаа дека акцијата во Сирија им пропаднала, сега тие повторно фрлаат муницја наоколу. На кого? Прашањето е реторичко“, изјави рускиот претседател.
Според неговите зборови, Москва во Сирија постапува во строга согласност со Повелбата на Обединетите нации и според меѓународното право, за разлика од САД и нивната коалиција кои дејствуваат без резолуција од Советот за безбедност и без да ги прашаат сириските власти.
Во меѓувреме во Сирија: САД на милитантите им достави 50 тони муниција и оружје
Американски товарни авиони на сириските милитантни групи им доставиле 50 тони вооружување, потврди висок американски функционер за „СиЕнЕн“.
Товарните авиони исфрлиле вкупно 112 пакети со оружје во рамките на новата иницијатива на администрацијата на Обама која бара начин како да ја засили поддршката за групите кои ги нарекуваат „умерени бунтовници“. Секако, зголемувањето на поддршката доаѓа во периодот кога русија активно бомбардира со своите авиони.
Неименуван американски висок функционер потврдил дека оружјето го доставиле C-17 товарни авиони во придружба на американски ловци. Се тврди дека пакетите содржеле муниција, но и рачни гранати. Оружјето било доставено на просторот на северната сириска провинција Хасаках.