Се расчистуваат блокираните патишта во тетовско

Нетпрес

05/08/2015

11:07

892

Големина на фонт

а а а

Дирекцијата за заштита и спасување денес информира дека се работи на расчистување на блокираните патишта во тетовско за да се обезбеди непречено движење.

Патот кон село Шипковица е пробиен и во тек се активности за негово проширување.

Механизација ангажирана од Дирекцијата работи на расчистување на локалните патишта во тетовско помеѓу селата Селце и Вејце, Тетово – Јажинце, се работи на пробивање на магистралниот пат меѓу Порој, Џепчиште и Доброште, а се чисти и коритото на Поројска река. Во Тетово, во долниот крај на Диво Насеље, се расчистуваат подвозниците, ангажирана е една машина од ДЗС и механизација од ЈП Водовод и Канализација Скопје, се вели во соопштението.

Преку Дирекцијата за заштита и спасување вкупно се ангажирани 15 багери и 29 камиони, а ќе бидат испорачани и 1.000 вреќи за песок.

Најкритично во Шипковица - Ургентниот штаб формиран од страна на општина Тетово, претставниците на Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на РМ, Секторот за внатрешни работи –Тетово и претставници од локалните заедници погодени од поплавите, денеска инфрмираа за фактичката состојба во најкритичните погодени точки од поплавите.

Според изготвениот извештај селото Шипковица е најпогодено место од силните врнежи кои доведоа до поплави. До сега Ургентниот штаб во Тетово констатирал три смртни случаи, додека едно лице се уште се води за исчезнато бидејќи телото не е пронајдено. Тринаесет граѓани се повредени, 113 лица се евакуирани од 20 куќи кои се целосно уништени, а скоро сите куќи во селото имаат претрпено големи материјални штети . Во селото поради големи дефекти во системот за електродистрибуција и водоснабдување има недостаток од струја и вода. Брзата помош е позиционирана во ова село и ќе биде во служба 24 часа. Главен проблем претставува неможноста да се работи со тешка механизација, а армијата и Дирекцијата за заштита и спасување од раните утрински часови го бараат исчезнатото девојче. Исто така има потреба за чистење на шахтите за вода и канализација.

Блокирани улици, оштетени куќи и возила во Голема и Мала Речица - Во селата Голема и Мала Речица според податоците од терен, од вчерашните поплави едно лице го изгуби животот. Оштетени се 140 куќи, 50 коли, 80 трактори и 5 шлепери. Иако главната улица е исчистена, четири улици се уште се блокирани. Поради голем дефект во системот за водоснабдување во населбата Голема Речица има недостаток од вода. Екипите од ЕВН ги санираат дефектите на системот за електрична енергија и од овој аспект ситуацијата е задоволувачка. Во моментот се работи на чистење на улиците и речното корито кои се преплавени од камења, дрвја и отпадоци од вчерашните поплави.

Во селото Порој се работи интензивно и до утре регионалниот пат Тетово-Јажинце ќе биде отворен.

Во раните утрински часови интензивно се работеше за деблокирање на селските улици и чистење на теренот од дрвјата, камењата и отпадоците од вчерашните поплави. Исто така се информира за оштетување на системот за водоснабдување и во селото има недостаток на вода која сега за сега ќе биде обезбедена преку цистерни со вода.

Патот кон Бањиче е непрооден од горниот дел поради оштетувања, според последните информации 21 возило е блокирано во горниот дел од патот, а луѓето се евакуирани и се надвор од опасност.

Саниран Клиничкиот центар – Тетово - Во урбаниот дел на Тетово Територијалната противпожарна единица , ЈКП-Тетово и Дирекцијата за заштита и спасување интервенираа на неколку критични населби како што се блок 70 и Деревој, каде што од подрумите на куќите и становите е извадена водата. Исто така е интервенирано и е санирана состојбата во Клиничкиот центар –Тетово каде е исчистен просторот кој беше опфатен од поплавата, но главен проблем за екипите во терен останува недостатокот од механизација за чистење на улиците, дворовите и речните корита.

Општина Тетово апелира до граѓаните на погодените подрачја од поплавите да не ја употребуваат водата за пиење од водоснабдителниот систем до потврдување на микробиолошките анализи од соодветните органи. Исто така ги повикаме граѓаните да помогнат во оваа тешка ситуација на тие на кои им е потребна помош односно на семејставата кои ги изгубија своите сакани и на евакуираните лица. Ваквите ситуации бараат ангажираност од сите нас со цел да се врати во нормала нашата општина. Сите тие што сакаат да помагаат било преку донација на храна, вода, лекови и хигиенски препарати или да волонтираат во процесот на чистење на улиците, дворовите и речните корита во критичните зони оштетени од вчерашните поплави може да се јават на телефонскиот број 076 330 113 , електронската пошта cabinet@tetova.gov.mk или да дојдат директно во зградата на општина Тетово, велат од општината.


Спонзорирани линкови

Маркетинг