Почна проширувањето на улицата "Маџари"

Макфакс

18/06/2015

15:44

1.751

Големина на фонт

а а а

Во четврток почнаа градежните работи за реконструкција и проширување на улицата "Маџари", во општината Гази Баба, проект што ќе се реализира во две фази.

Во првата фаза улицата „Маџари“ ќе се реконструира на потегот од крстосницата со улицата „Јужноморавски бригади“ до улицата „Палмиро Тољати“ во должина од 666 метри.

„Со проширувањето, оваа тесна и нефункционална улица ќе добие четири сообраќајни ленти со ширина од по 3,25 метри (по две ленти во секоја насока) и нови тротоари покриени со бекатон-плочки. Од левата страна на улицата „Маџари“, гледано кон надвозникот, ќе се формира велосипедска патека со ширина од три метри и пешачка патека со ширина од 1,5 метар. Од десната страна на оваа улица ќе се формира пешачка патека со ширина од два2 метри. На новопроширената делница ќе се постави и ново улично осветлување. Градежните работи за проширување на улицата „Маџари“ на овој потег ќе се искористат за да се постави нова атмосферска канализација на потегот од раскрсницата на улицата „Јужноморавски бригади“ со улицата „Методија Андонов Ченто“ до надвозникот во Маџари, којашто ќе го реши долгогодишниот проблем со одведувањето на атмосферските води“, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Премиерот Никола Груевски, рече дека улицата „Маџари“ е многу фреквентна улица на која се наоѓаат многу институции и дека со нејзиното проширување ќе се подобри сообраќајот во овој дел од градот.

На проектот за проширување и реконструкција на улицата „Маџари“, прва фаза, ќе работат екипите на градежната компанија „Бауер БГ“. Градот Скопје за овој обемен проект ќе вложи околу 52 милиона денари.

Додека траат градежните работи на улицата „Маџари“ ќе се воведе привремен сообраќаен режим. Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.


Спонзорирани линкови

Маркетинг