Заев на средба со шведскиот премиер: Неопходно е Груевски да си оди

Макфакс

13/06/2015

13:31

2.082

Големина на фонт

а а а

Во рамки на Конгресот на ПЕС, којшто се одржува во Будимпешта, Унгарија, претседателот на СДСМ Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска денеска остварија средба и со премиерот на Шведска, Стефан Лофвен.

На средбата се разговарало за актуелната состојба во Република Македонија и можностите за продолжување на разговорите за решавање на длабоката политичка криза во земјава преку преговори.

Претседателот Зоран Заев ги истакнал принципиелните позиции на СДСМ како и предлозите Република Македонија да ги врати демократските вредности, во интерес на граѓаните и иднината на државата, за што постои целосно разбирање и силна поддршка од шведските социјалдемократи.

„Неопходно е повлекување на Никола Груевски и неговите најблиски соработници, кои ги создадоа проблемите во земјата, за преодната Влада да создаде неопходни услови за организирање фер и демократски изборен процес. Само на тој начин може да се обезбеди нормализација на институциите, независност на судството, медиумите и конечно враќање на демократските вредности и европската перспектива на Македонија“, рече Заев.

Заев се заблагодарил за силната поддршка од шведските социјалдемократи посочувајќи дека таа е во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска денеска учествуваа и на лидерската средба, на којашто присуствувше и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, заедно со лидерите на повеќе сестрински партии од Европа.


Спонзорирани линкови

Маркетинг