Граѓански организации со порака до ЕУ и САД: Заедничка одговорност за стабилноста и демократизацијата на Македонија

Макфакс

09/06/2015

13:21

844

Големина на фонт

а а а

Во пресрет на новата рунда преговори која треба да се одржи во среда во Брисел меѓу двајцата лидери на најголемите политички партии во Македонија, со посредништво на еврокомесарот Јоханес Хан, одреден број граѓански организации во земјава упатија порака до ЕУ и САД.

Поводот за ова обраќање е изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, дадена во САД, во која тој, последните парламентарни избори одржани во 2014 година, ги оквалификува како генерално позитивни притоа наведувајќи дека извештаите на ОБСЕ/ОДИХР констатираат генерално демократска атмосфера, стои во писмото на НВО секторот.

„Поттикнати од ваквата изјава, сакаме да потсетиме дека ефикасно спроведени избори, воедно, не значат и фер и демократски избори. Да не заборавиме дека ОБСЕ/ОДИХР, во извештајот на кој се повикува комесарот Хан, се осврнуваат на низа недоследности и незаконитости во изборниот процес, почнувајќи од селективниот пристап на медиумите во информирањето, прогонот на неистомислениците, неподеленоста меѓу државата и партијата, како и констатацијата дека за време на изборите можеше да се почувствува структурно насилство кое. пред сѐ, се однесува на државната администрација. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, во тоа време, не можеше да знае за содржината на разговорите во кои најтранспатентно се откриени методите на вршење изборно насилство и измами. Впрочем, невладините организации кои ги следеа изборите констатираа купување изборни гласови, агитација и притисоци врз вработените во државната администрација, некредибилност на избирачкиот список, како и неконтролирано издавање лични документи и низа други неправилности“, се вели во писмото.

„Во оваа смисла, изјавата на еврокомесарот Хан ја сметаме за крајно непринципиелна и, во најмала рака, неиздржана, особено ако се има предвид дека и самиот Хан, во истата изјава, наведува дека во разговорите објавени од опозицијата постојат содржини кои јасно укажуваат на кривични дела кои треба да се истражуваат. Имајќи го сево ова предвид, за нас е нејасно кој е мотивот на еврокомесарот Хан да даде позитивна оценка за изборите и дали тој алудира на тоа дека Груевски би можел да биде оној кој би ги спровел изборите и во 2016 година?“, се наведува во писмото на НВО секторот.

„Владата на Никола Груевски има докажана практика на фалсификување избори со што сосема ја делигитимира волјата на граѓаните. Барањето Никола Груевски да даде оставка и да биде формирана преодна влада која би ги спровела предвремените избори во април 2016 година, се темели на ставот дека после објавувањето на ‘бомбите’ од страна на лидерот на СДСМ, владата на Никола Груевски нема никаков легитимитет да ги спроведе идните избори. Дополнително, во овие разговори обелоденети од опозицијата се открива дека партиите на власт, воопшто не се воздржуваат од злоупотреба на институционалните механизми и на моќта која ја имаат од позиција на власт за да ги заплашуваат и уценуваат граѓаните, да се пресметуваат со неистомислениците или да ја дисциплинираат својата партиска војска. Притоа, нагласуваме дека таквата практика не е инцидент, туку воспоставено секојдневие со кое ние - граѓаните постојано се соочуваме. Дури и во овој период на преговори, Никола Груевски се служи со истите методи на притисоци, заплашување и гонење неистомисленици, за што говорат заканите за апсења на новинари, запалени автомобили на опозициски активисти, физички напади врз граѓански активисти и опозиционери, кои не добиваат правна разрешница од страна на институциите“, стои уште во писмото.

„Токму затоа, Груевски мора да поднесе оставка како чин на политичка одговорност за сé што досега има направено. Неговата оставка подразбира дека ниту тој, ниту неговиот тим министри, немаат кредибилитет да бидат дел од преодната влада која би имала за цел да ја реши длабоката политичка криза во Македонија и да организира фер, слободни и демократски избори. Дополнително, потсетуваме дека истовремено со изборот на преодната влада, неопходни се и неколку структурни реформи: прочистување на избирачкиот список, ослободување на јавниот радиодифузен сервис - МРТ од контрола на власта и избор на независен јавен обвинител“, порачуваат од НВО секторот.

Во писмото уште се наведува дека овие граѓански организации сметаат оти Европската унија има посебна одговорност во спроведувањето на европските вредности, како што се демократијата, владеењето на правото и заштита на човековите права, во Македонија.

„ЕУ и САД, исто така, имаат одговорност за мирот, стабилноста и демократизацијата на нашата држава, како гаранти на Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Ваквата одговорност подразбира помош за државата во суштинското решавање на политичката криза и искоренувањето на диктаторските практики на актуелната власт. Токму затоа, оваа политичка криза не смее да се набљудува како спор меѓу две партии, туку, како борба на граѓаните против автократската влада. Во спротивно, доколку ЕУ и САД ги релативизираат длабоките проблеми со демократијата и функционирањето на институциите во Македонија, би можеле да помогнат во одржување на диктатурата и да предизвикаат огромно разочарување кајпро-европските граѓани кои се искрено определени за демократска и просперитетна Македонија“, заклучуваат во своето писмо претставниците на НВО секторот.


Спонзорирани линкови

Маркетинг