Собраниска седница за избор на нови министри за внатрешни работи и транспорт и врски

Нетпрес

13/05/2015

08:45

1.248

Големина на фонт

а а а

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја одржи 50-та седница на која на дневен ред е Предлогот за избор на нови членови на Владата.

Седницата беше закажана откако синоќа премиерот Никола Груевски до законодавниот дом достави предлог нови министри за внатрешни работи и за транспорт и врски да бидат Митко Чавков и Владо Мисајловски.

Претходно премиерот Груевски ги прифати оставките на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, како и на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски седницата ја закажа за 13:00 часот. Се очекува Собранието да ги констатира оставките на двајцата министри, по што претседателот на Владата ќе го образложи својот предлог доставен до законодавниот дом. Новите министри ќе бидат изгласани доколку предлогот биде прифатен од мнозинството од вкупниот број на пратеници.

Митко Чавков, кој е предложен за министер за внатрешни работи, е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, додека Владо Мисајловски, предложен за прв човек во Министерството за транспорт и врски, е директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Во својата оставка министерката за внатрешни работи наведе дека во изминативе години работела професионално и посветено, раководејќи се од интересите на граѓаните, и на Република Македонија.

– Во овие тешки денови, кога Македонија е во длабока политичка криза, ценам дека е време да се повлечам, верувајќи дека моето повлекување од функцијата министер за внатрешни работи, ќе придонесе за нејзиното надминување, стои во оставката на Јанкулоска.

И министерот Јанакиески во оставката истакнува дека смета оти со неговото заминување од функцијата ќе придонесе за стабилизирање на политичката состојба во државата.

– Сметам дека оваа моја оставка ќе придонесе за стабилизирање на политичката состојба во Република Македонија и ќе овозможи нашата земја да продолжи да чекори на патот кон ЕУ и НАТО, се вели, меѓу другото, во оставката.

Синоќа немаше официјален коментар од страна на СДСМ и другите опозициски партии за оставките на Јанкулоска, Јанакиески и Мијалоков. Нема информација дали пратениците од опозицискиот блок ќе учествуваат во натамошната работа на Парламентот, иако тоа од нив вчера повторно го побараа неколку странски амбасадори кои беа на средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев.


Спонзорирани линкови

Маркетинг