Ставрески: Македонија е една од 10-те земји со најниско ниво на долг во Европа

Нетпрес

03/09/2014

16:16

1.770

Големина на фонт

а а а

Република Македонија со допoлнителните 500 милиони евра што ги обезбедивме со еврообврзницата останува во зоната на земји со умерено ниво на долг и сме меѓу 10-те земји во Европа кои имаат најниско ниво на долг, според тоа нивото на долг на Р.Македонија се уште не е ризично и не е високо, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање.

Тој посочи дека дека се сложува со тие економисти кои потенцираат дека е важно за што се задолжуваме и истаканa дека Владата на Р.М води многу внимателна политика и сите кредити што се земаат во најголем дел се насочени кон иневстициски проекти.

- Во овој период се реализираат проекти кои што се од стратешко значење за конкурентноста на Р.М. Такви се изградбата на пругата кон Бугарија, изградбата на автопатите од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид, изградбата и реконструкцијата на Железницата во делот на коридорот 10. Во следниот период ќе се реализира и проектот за гасификација. Така да станува збор за добро таргетирани, крупни инфраструктурни проекти кои што ќе овозможат не само поврат на средствата туку и зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, истакна Ставрески.

Сето тоа укажува, потенцираше вицепремерот, на тоа дека долгот на Р.Македонија е поставен во функција на долгорочен економски раст кој што ќе помогне полесно да се враќаат обврските.

- Следната година имаме и дополнителни обврски кои што ни ги оставиле претходните влади, 150 милиони, еврообврзницата од 2005 година што е земена доспева за плаќање во 2015 година и дополнително 120 милиони кон ММФ што доспеваат во текот на следната година. Буџетот следната година ќе ги рефлектира овие приоритети на Владата, односно задолжувањата да бидат насочени кон реализација на крупни инфраструктурни проекти и верувам дека тоа е најдобриот начин за користење на средтсвата и на дефицитот, истакна Ставрески.

Очекува и во иднина Република Македонија да остане во зоната на умерена задолженост, а во функција на тоа се и последните уставни измени кои, како што рече, се најголем доказ за решеноста на економските политики да се остане во зоната на ниска задолженост.

- Верувам дека параметрите што се ставени во Буџетот за следната година и она што го предвидуваме во фискалната стратегија за следните три години ќе овозможат Македонија да не ги надмине предвидените лимити што се иницирани со уставните измени, рече Ставрески.

Тој додаде дека во делот на државниот долг ќе има намалување бидејќи ќе се исплаќа еврообврзницата и кон ММФ, а во делот на вкупниот јавен долг обратен процес поради реализација на проектите за изградба на автопатите.


Спонзорирани линкови

Маркетинг