Во Македонија починаа тројца од листерија – изворот е сеуште непознат

Точка

22/07/2014

23:35

2.327

Големина на фонт

а а а

Тројца починаа во Македонија од бактеријата листерија која во организмот се внесува преку контаминирана храна: месо, преработки од месо, риба, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук.

Вкупно седум луѓе беа заразени со бактеријата во изминатите 30 дена во земјава, но здравствените власти сеуште не знаат која била причината.

„Сомнителни сме сите. Причинителот го има насекаде, меѓутоа болеста може да ја добијат само оние кои се екстремни возрасти, бремени жени и имуно- компромитирани. Дури и внесена во организмот, листеријата во вообичаени концентрации не може да даде никакви симптоми“, рече претседателот на Комисијата за заразни болести и директор на Инфективната клиника Звонко Миленковиќ, кој додаде дека кај здрави лица кои имаат подобар имунитет, заболувањето се манифестира со стомачни проблеми, покачена температура и пролив.


Починатите лица биле на возраст од 72 и 59 години и едно новороденче. Во останатите заболени, се наоѓа уште едно новороденче – кое сега е во Детската клиника со сепса како последица на бактеријата и е во стабилна состојба, додека пак еден возрасен од заболените, се наоѓа во критична состојба со дијагноза менингоенцефалитис. Двајца возрасни се веќе излечени.

Инфекологот Миленковиќ истакнува дека болеста не се пренесува од човек на човек, освен опцијата од мајка на бебе, како што било случај со починатото новороденче.


Информацијата за смртните случаи и седумтемина заболени доцна синоќа преку соопштение ја објави Министерството за здравство, откако било информирано од Институтот за јавно здравје.

„Во јули во последните денови наеднаш се регистрирани три случаи што создаде кај нас аларм да провериме за што се работи. Листериозата како заболување не е пријавена во Македонија претходните години, а како изолат од храна регистрирана е кај три примероци минатата година и три примероци оваа година, со тоа што годинава имаме пријавено и заболување. Тоа создаде аларм кај нас во Министерството за здравство и во Комисијата за заразни болести, поради што Комисијата неколку дена заседаваше постојано со цел да ја увиди целата состојба и да донесе точни предлог-мерки“, изјави денеска раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство, Јованка Костовска, пренесува Глас на Америка.

Здравствените лица препорачуваат храната добро термички да се обработува, бидејќи оваа бактерија се уништува на над 70 целзиусови степени, додека овошјето и зелечукот треба да бидат добро измиени. Посебно се апелира да внимаваат на храната која ја конзумираат постарите лица со намален имунитет, бремени жени и бебиња, кај коишто оваа бактерија може да предизвика сериозни компликации како сепса, воспаление на мозочна обвивка, воспаление на срцева обвивка и воспаление на зглобовите.


Во меѓувреме Агенцијата за храна и ветеринарство започна со вонредни контроли во сите поголеми производствени погони за храна, магацини за чување и дистрибуција на храна, сите зелени пазари, земајќи примероци за анализа. Државниот санитарен и здравствен инспекторат најави дека ќе прави контрола на безбедноста на млекото кое е наменето за доенчињата на одделенијата за неонаталогија и педијатриски одделенија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг