Виктор Јанукович побегнал од Киев!

Точка

22/02/2014

11:20

3.041

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Виктор Јанукович го напуштил Киев, потврдил денес опозициониот лидер, Виталиј Кличко.

"Тој го напуштил главниот град", изјавил Кличко во парламентот.

Кличко ги повикал парламентарните застапници да ја усвојат резолуцијата со која се повикува Јанукович "веднаш" да поднесе оставка, бидејќи наредил смртоносна употреба на сила против граѓаните кои демонстрирале против него.

"Ние мораме, како што бара народот, да ја усвоиме резолуцијата со која се повикува Јанукович веднаш да поднесе оставка", изјавил опозициониот лидер Кличко.

"Денес парламентот е единственото легитимно тело на власт", додал тој, барајќи итно распишување на предвремени избори.


На заседанието на парламентот оставка поднел и претседателот на собранието, Володимир Рјабак, наведувајќи ја како причина лошата здравствена состојба.

Резиденцијата на украинскиот претседател Јанукович е празна и без обезбедување, а новинарите слободно влегуваат и излегуваат, јавуваат украинските медиуми.

Според непотврдените извештаи, Јанукович заминал во Харков, на истокот на земјата. Последен пат бил виден при влегувањето во претседателскиот авион заедно со припадниците на обезбедувањето.

Еден извор изјавил дека Јанукович се' уште се наоѓа во Украина, и дека е на сигурно. "Со него е се' во ред. Тој е во Украина". Запрашан дали претседателот се наоѓа во главниот град, изворот одговорил: "За тоа не можам да кажам ништо".


Спонзорирани линкови

Маркетинг