Украина на работ на граѓанска војна: Најмалку 25 загинати, властите праќаат тенкови кон плоштадот

Точка

19/02/2014

13:41

6.138

Големина на фонт

а а а

Украинските демонстранти денес повторно протестираат на централниот плоштад во Киев и се подготвуваат за нови судири со полицијата, откако вчера, во најкрвавиот ден откако Украина стекнала независност од СССР, загинале најмалку 25 луѓе.

По неколкучасовните судири и двата полициски налети, вчера во вечерните часови, силите за безбедност успеале да освојат една третина од Плоштадот на независноста, на кој демонстрантите веќе неколку месеци деноноќно протестираат против владата на Виктор Јанукович, пренесува BBC.



Мајдан наликува на воена зона, јавуваат светските новински агенции. Насекаде е хаос, а од неколку локации се издигнува густ и црн чад. Полицијата ги уништува шаторите на демонстрантите на источниот дел од плоштадот. Сепак, демонстрантите кон плоштадот приоѓаат од друга страна и се подготвуваат за нови судири со полицијата, јавува Ројтерс.


На страната на плоштадот која е под контрола на демонстрантите, свештеници кажуваат молитви, а младите опозиционери ставаат штитници за колена и лакти, за да ги ублажат ударите на полициските палки, но подготвуваат и молотови коктели за напад. Демонстрантите исто така ги кршат плочниците, а камењата ги користат како проектили.


Министерството за здравство објавило дека вчера и денес наутро најмалку 25 лица ги загубиле своите животи. Меѓу нив има и 9 полицајци и еден новинар. Хоспитализирани биле 241 лице, меѓу кои и 79 полицајци и пет новинари, додале од министерството. Десетици повредени се во тешка здравствена состојба. Неколку демонстранти со кои разговарале новинарите на Ројтерс, изјавиле дека нема да се повлечат од плоштадот се додека не издвојуваат конечна победа.


Непознати сторители
Новинарот на украинскиот дневник "Вести" бил убиен вчера вечер од маскирани лица во центарот на Киев, во близина на Плоштадот на независноста, каде што се одвиваат нередите од невидени размери, објавил истиот весник. Бројот на жртвите во судирите се' уште расте.


Вјачеслав Веремиј одел кон својот дом со такси, кога непознати лица фрлиле молотов коктел кон возилото. Го извадиле од автомобилот и почнале да го тепаат, објавил бесплатниот дневник на својата интернет страна.



"Ранет од куршуми во пределот на стомакот, починал во болница, по повеќечасовната операција", објавил весникот на руски јазик, близок на украинската власт.


Весникот навел дека нивниот новинар веќе бил повреден кон крајот на минатиот месец, во судирите на полицијата и демонстрантите на Улица Грушевски. Тогаш делумно го загубил видот.


Јанукович: Сега ќе разговараме на друг начин
Преговорите меѓу Јанукович и претставниците на опозицијата пропаднале вчера вечерта. Јанукович ги повикал лидерите на опозицијата да се одвојат од радикалите и ги предупредил дека во спротивно "ќе разговара поинаку со нив". Претседателот за некои членови на опозицијата изјавил дека ја "преминале линијата" кога своите следбеници ги повикале да донесат оружје на демонстрациите на плоштадот во Киев.


Опозицискиот лидер Виталиј Кличко, по разговорот со претседателот Јанукович, изјавил дека не бил постигнат договор за крај на насилството.


Нередите се прошириле во уште два градови на западот на Украина, Лавов и Ивано-Франкивск, каде демонстрантите го заземале седиштето на покраинската управа.







Спонзорирани линкови

Маркетинг