Тодоров: Договорени проекти за традиционална кинеска медицина во Македонија

Нетпрес

22/10/2013

11:20

887

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Никола Тодоров, кој е во делегацијата во Кина предводена од претседателот Ѓорге Иванов, во Пекинг имаше средба со министерот за традиционална кинеска медицина, со кој се договорени неколку конкретни проекти за воведување на традиционалната кинеска медицина во Македонија.

Договорено е, јави известувачот на МИА, прво да помогнат во правењето на наставните програми на Универзитетот во Штип каде треба да се воведе традиционална кинеска медицина како студиска програма, а потоа наши доктори да се едуцираат во Кина за оваа медицина и нејзините методи.

„Се договоривме и доктори од Кина да доаѓаат да вршат обуки и да подучуваат во Македонија, односно на штипскиот Универзитет, како и наши студенти да имаат можност да дојдат на некои од 20-те универзитети за традиционална кинеска медицина и тие практично да бидат идната основа на развој на традиционалната кинеска медицина во Македонија“, изјави министерот Тодоров.

Со неговиот кинески колега се договориле во Кина да дојде посебна група од Бирото за лекови да разговараат за хербалните лекови, како и за можноста тие да влезат во Македонија, бидејќи, како што рече Тодоров, нашиот закон тоа го дозволува.

„Очекувам дека би можеле да имаме брз прогрес за регистрација на хербални лекови во Македонија, кои потоа можат да се искористат и за пласман пошироко во регионот. Тоа е нашата интенција како држава“, рече Тодоров.

За таа цел, двајцата министри предложиле веднаш да се започне со организирање посета на експерти од Бирото за лекови, а потоа и возвратна посета за да може оваа соработка да се реализира.

Министерот Тодоров присуствуваше и на средбата на претседателите на Кина и Македонија, Си Џинпинг и Ѓорге Иванов, на која, меѓу другото, стана збор и за пројавените иницијативи од наша страна за примена на кинеската традиционална медицина во нашиот здравствен систем. На средбата беше констатирано дека тоа е една општа атмосфера, дека се повеќе постои интерес за проучување и оспособување на луѓе кои ја применуваат традиционалната медицина.

Министерот за здравство Никола Тодоров, во рамки на престојот во Кина, ќе го посети и Универзитетот за традиционална кинеска медицина во Ченгду, во провинцијата Сичуан.


Спонзорирани линкови

Маркетинг