Петте најмали држави во светот

Точка

07/10/2013

17:05

30.347

Големина на фонт

а а а

Најдобриот начин за да се прикаже колку всушност се мали овие неколку земји е да се направи збир од нивните вкупни површини и бројот на жители, па потоа таа бројка да се спореди со најголемиот град во светот... Да, овие земји се толку мали!

Имено, со вкупна површина од 110 километри квадратни и 89.930 жители, сите пет држави кои што се дел од списокот во продолжение би можеле да се споредат со еден кварт во Пекинг, најголемиот град во светот чија што површина изнесува 16.801 километар квадратен, а според пописот од 2010 година, во него живеат 19.612.238 жители!

Но, и покрај тоа што се многу мали, дел од државите во продолжение се исклучително богати, додека пак другите имаат неверојатно влијание во светот. Така, во продолжение запознајте ги петте најмали држави во светот.

❺ Сан Марино

Со површина од 61.2 километри квадратни и 30.000 жители

Сан Марино е најстарата држава во Европа, а основана е на 3 септември 301 година, а сувереност и независност добила дури во 1631 година. Оваа држава се наоѓа на територијата на Италија, во подножјето на планината Монте Титано, во близина на Јадранското море.

Иако е официјално независна, Сан Марино е зависна од Италија, со оглед на тоа што во целост е опкружена со нејзината територија. Со својата површина од 61.2 километри квадратни, Сан Марино е петата најмала држава во светот и трета во Европа.

❹ Тувалу

Со површина од 26 километри квадратни и 10.500 жители

Тувалу е мала островска држава која се наоѓа во Тихиот Океан, северно од Фиџи. Независноста од Обединетото Кралство го стекнала на 1 октомври 1978 година, а британската кралица се уште е официјален шеф на оваа држава.

Интересен податок поврзан за оваа држава е фактот што голем дел од државниот буџет се полни преку интернет доменот ".tv".

❸ Република Науру

Со површина од 21 километар квадратен и 9.300 жители

Во Тихиот Океан, во непосредна близина на екваторот, сместена е малечката островска Република Науру. Ова е најмалата република во светот и воедно е единствената држава која нема главен град. Независноста од Австралија и Нов Зеланд ја добила на 21 јануари 1968 година.

Некогаш позната и како "Пријатен остров", Науру била територија населена уште пред 3.000 години, а потеклото на името засега се уште останува непознато.

❷ Монако

Со површина од 1.98 километри квадратни и популација од 36.300 жители

Кнежевството Монако е најгусто населената држава во светот, а воедно е и втората најмала земја во светот. Монако се наоѓа на француската ривиера, во западна Европа, на брегот на Средоземното море. Оваа земја неколку пати ја стекнувала и губела својата независност, а во светот е позната по Монте Карло коцкарниците и големите Формула 1 трки.

Со оглед на тоа што Монако нема и данок на добивка, а сосема ниски се и стапките за деловен данок, оваа земја е позната и како даночен рај. Исто така, жителите на Монако важат и за луѓе со најдолг просечен животен век, кој изнесува речиси 90 години. Исто така, жителите на Монако можат да се пофалат со најголем доход по глава на жител, а стапката на невработеност изнесува фантастични 0%!

❶ Ватикан

Со површина од 0.44 километри квадратни и вкупен број на жители 830

Уште една држава на територијата на Италија е Ватикан. Имено, Ватикан се наоѓа во Рим е и најмалата независна држава во светот, и според бројот на жители, но и според својата површина. Сепак, иако е најмала, Ватикан е една од најпознатите и највпечатливите држави во светот, затоа што токму во Ватикан се наоѓа седиштето на Римокатоличката црква и Папата.

Ватикан е самостојна држава од 11 февруари 1929 година, а нејзиното богатство го сочинуваат уметничките дела на најпознатите уметници во светот. Се проценува дека вкупната вредност на сето уметничко богатство изнесува неверојатни 43 милијарди американски долари.


Спонзорирани линкови

Маркетинг