Новинарите здружено го бранеа колегата Кежаровски и го замолија да го прекине штрајкот со глад

Нетпрес

25/07/2013

13:47

950

Големина на фонт

а а а

Колеги, претставници на новинарските здруженија и соработници денеска речиси една час со транспаренти во рака и свирчиња пред Кривичниот суд ја потсетија власта дека греши со продолжување на притворот на новинарот на „Нова Македонија“, Томислав Кежаровски.

Тие ја замолија власта да не го убива Кежаровски, како ја убива слободата на изразување со транспаренти „Пуштете го Кежо“ и „Не го апсете зборот“.

Тамара Чаусидис ги повика новинарите да го замолат својот колега да го прекине штрајкот со глад, а потоа повика на едноминутно молчење за убиената слобода.


„Првата порака до нашиот колега Томислав Кежаровски кој се наоѓа во притвор и кој во моментов штрајкува глад бидејќи неговата психичка и физичка состојба е влошена, губи килограми, лошо се чувствува, го молам, во име на Иницијативниот одбор да го прекине штрајкот со глад“, изјави уредникот на „Нова Македонија“, Зоран Димитровски кој од институциите побара Кежаровски веднаш да биде пуштен на слобода, бидејќи тоа е единствениот начин на кој може да се задоволи правдата.

„Најважно е неговото здравје, неговиот живот и благосостојбата на неговите најблиски, нам ни треба Кежаровски, жив и здрав да се врати и заедно да ја продолжиме нашата професионална работа и обврска како медиум пред јавност“, рече Димитровски кој додаде дека ако продолжи со гладување само ќе си го влоши здравјето.


До политичките институции на Македонија, до претседателот на државата и до претседателот на Владата и надлежните министри уредникот на „Нова Македонија“ испрати апел да го ослободат новинарот Кежаровски.

„Дваесет години во Македонија се обидуваме да изградиме независни институции, судство, органи на прогонот, обвинителство и полиција. Сметам дека после 20 години можеме да констатираме дека изградбата на тие институции отишла премногу далеку и дека дојде време кога политичките институции треба да се вмешаат во судството и да реагираат заради заштита на слободата и човековите права“, потенцираше Димитровски додавајќи дека е време Владата и претседателот да се вмеша во судството за да се донесат прави одлуки и да го штитат законот и пред се’ да го прекинат притворот на Кежаровски, за да го спасат неговиот живот, но и за да го спасат угледот и имиџот на Македонија во светот.

Во име Македонската асоцијација на новинари, Слаѓана Димишкова истакна дека надлежните во Македонија конечно мора да сфатат дека правдата може да се задоволи и доколку колегата Кежаровски е на слобода.

„Апелирам до надлежните да не ги повторуваат грешките, еднаш веќе навлегоа во грешка и дадоа мерка притвор, тоа го повторуваат. Мора да прекинат со своите грешки и да го пуштат колегата Кежаровски да се брани од слобода“, потенцираше таа.


Претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани повика на разум на институција која ја донесе одлуката за продолжување на притворот на Кежаровски.

„Оваа одлука за нас е скандалозна и спротивна со Уставот и законите на Македонија“, рече Селмани. Тој потенцираше дека оваа одлука за нив е дрска бидејќи од новинарите сака да направи монструми.

„Судиите кои вчера го потпишаа продолжувањето на притворот на Кежаровски знаат дека тој нема да избега, ако сакаше да избега, тоа ќе го стореше пред пет години“, нагласи Селмани додавајќи дека колегата Кежаровски нема материјална и финанскиска состојба за да избега и да живее во странство, пред се, тој не е монструм, кој би го оставил семејството за да бега.

„Во Македонија нема новинари монструми“, истакна Селмани.


Спонзорирани линкови

Маркетинг