Македонската дизајнерка Геновева Кристов се пробива во САД

Нетпрес

03/04/2012

09:30

2.450

Големина на фонт

а а а

Младата дизајнерка Геновева Кристов на Интернет се информирала за конкурсот на марката Андријана Папел “Во живо од црвениот тепих во Лос Анџелес“, на кој пратила дизајн за вечерен фустан за церемонијата на доделувањето на Оскарите, јавува Гласот на Америка на македонски јазик.

Од 676 дизајнери, го освои второто место, што и’ ги отвори вратите на стоковните куќи ширум САД.

“Мислам дека живеам за модата. Освен што сакам да креирам, сакам и да носам убава облека. Отсекогаш сакав и следев мода и ме привлекуваат невообичаени, несекојдневни работи“, вели македонската дизајнерка.

Геновева потекнува од Ресен. Дипломирала на Факултетот за уметност и дизајн во Колумбус, Охајо. Работи како независен моден дизајнер.

“Не сакам да бидам ограничена само со еден извор на инспирација. Вообичаено ме инспирира улична мода, старите филмови, но и самиот материјал“, вели Кристов за нејзината инспирација.

Генова претпочита материјали со изразит состав: “Многу често во мојата колекција користам кожа, комбинирам со свила, користам шифон, шармуз“.

Нема омилена боја. Вели - сите се убави на свој начин, но додава дека дизајнерот мора да ги следи модните трендови.

Албер Елбас и Александар Меквин - и’ се омилени креатори. Во креациите не користела традиционални македонски мотиви, иако тоа не го исклучува за во иднина.

“Следната сезона ќе се претставам на Модната ревија во Колумбус, а би сакала свои креации да изложам и на модни ревии во Њујорк, Мајами, Париз“, најавува Геновева.


Спонозорирани линкови

Маркетинг