Гордана Деан Поп Христова за Еквадор: Земја во која нема големи амбиции, но има забава

Точка

14/09/2018

12:03

13.329

Големина на фонт

а а а

Сакате да прошетаме низ плажите на Пацификот, Андите со планински реки, водопади, вулкани, Амазонската прашума и островот Галапагос? Сакате да го запознаеме Еквадор одблиску? Воопшто да не се грижите каде не нема, па и во Еквадор имаме „наш човек“.

Гордана Деан Поп Христова со чекор кон слободата, токму таму го нашла мирот, бидејќи таму и не можеш да живееш поинаку.  


[МОТО: „Што неможеш денеска, остави за утре“]

Извесно време живеете во Еквадор. Зошто се одлучивте токму за оваа земја? 

- Одлуката дека ќе живееме во Еквадор беше пордукт на две спротивни енергии. На еден импулсивен момент во кој не многу рационално, но интуитивно сфаќаш дека мора да направиш радикална промена во животот. На многу рационално истражување и пребарување по интернет на најдобра опција за живот. Еквадор е пред се волшебна земја, како во бајките. Се менуваат пејсажите, недопрена природа, Анди, Амазон, Пацифик, галапагос, зелена боја во бескраен број на нијанси. Небото чисто со облаците на дофат на рацете.


Тоа е земја во која сите патишта се нови и асфалтирани, градовите наликуваат на европските, со сите благодети на цивилизацијата, но сепак се живее многу релаксирано. Еквадор е по безбедност број еден во Латинска Америка. Исто така прва во свет по број на доселени пензионери од САД, кои пензионерските денови сакаат да си ги поминат убаво. Животот е многу поефтин во споредба со другите држави. Доларот е официјална валута, што значи нема инфлација како со останатите jужноамерикански земји. Јавното здравство е бесплатно, бензинот е ефтин, како и сите основни потреби за живот на граѓаните. 


Што е потребно да се емигрира во оваа држава има ли некакви услови? 

- Еквадор е отворен за доселување на емигранти. Изгласан е закон по кој ниту еден човек не смее да се нарече илегалец, туку граѓанин со ирегуларен престој. Постојат многу опции за добивање на трајни визи или продолжување на привремените. Поради ваквата политика, Еквадор е сега прибежиште на многу бегалци од Венецуела, која дожувува колапс после смртта на Чавез.


Лесно ли се адаптиравте? 

- После првобитната фасцинираност од се, егзотично, ново, поинакво ти станува секојдневието и со само тоа повеќе не толку необично. Ако може да се каже дека тоа е адаптација тогаш сме адаптирани. Но, културолошкото условување не има изградено да бидеме различни, дури и кога мислиме дека сме „вклопени“.


[Гордана со помалата ќерка Јоана која живее во Еквадор]  

Инаку има голема разлика помеѓу Еквадорците од големите градови како што се Quito, Guayaquil, Cuenca и тие што живеат во рибарските села на Пацификот. Оние од градовите се многу слични на Европјаните. Стандардот им е многу поголем. Покрај крајбрежјето се живее скромно, се преживува ден за ден. Најважно е да се има храна. Големи амбиции нема, но затоа има забава, музика и фешти.

Што е она што ви смета?

- Животот на плажа отсекогаш ми беше сон. Но, тука сфатив дека се уште многу си ја сакам професијата, а за жал целиот крајбрежен дел на Еквадор е многу рурален. Доколку имате потреба од култура, театар, уметност, танц, мора да живеете во големите градови, далеку од плажите. Поради ова патувам секоја недела по 1000 километри за викендот да го поминам на плажа со семсјтвото и се враќам во Quito, за да работам на Академијата за танц од понеделник до петок. не е лесно, но тоа е единствен компромис што го направив. Сите други нешта се уште ги доживувам како исчекор кон слободата. Никогаш не зажалив поради одлуката да се преселам тука.

Очигледно животот таму ви годи. Што е она што прави да се чувствувате пријатно покрај брановите на Тихиот океан?

- Пријатна е неоптеретеноста со никакви наметнати норми. Тука се живее во летна маичка и апостолки цела година. И да сакаш нема каде да купиш брендирана облека. Нема зошто и на кого ништо да докажуваш или покажуваш. Животот е едноставен, нема стрес. Интересен податок е што тука не се продаваат дијазапами, седативи, вооопшто нема потреба и никој не ги купува. „Во Еквадорците уживаат во едноставноста на животот“- вели Гордана.


Која е филозофијата на животот на мештаните, како изгледа еден нивни ден?

- Во Еквадор се уште постои средна класа. Семејствата од големите градови имаат по три автомобили, од кои една мора да е џип. Половни не купуваат. Се живее на кредит, во скапи населби. Децата одат во приватни училишта. Летуваат во Мајами. Многу од луѓето кои ги запознав во Quito никогаш не биле на Еквадорска плажа. Но, сепак и во градовите од по 3, 4 милиони жители се чувствува една необична смиреност. Кога има најголем метеж во сообраќајот, никогаш не сум слушнала некој да вика. Кога се чека ред во банка или во градските служби луѓето се смирени, пристојни. Се водат под мотото „Што не можеш денес, остави за утре“. Се работи од понеделник до петок и веќе од петок вечер се е затворено. Викендот се поминува со семесјтвото. Во недела се оди во Католичка црква. Родителите и децата многу се почитуваат. Еквадорците многу ги почитуваат старите луѓе. Им се помага секаде каде што е можно. Сите услуги се дупло поефтини или бесплатни за постари од 60 години.


Кое им е главно занимање? 

- Мештаните кои живеат на Пацификот се воглавно рибари. Но, се повеќе се бават со туризам. Последните години има се повеќе туристи од Западните земји.  


Со што се хранат, кој им е традиционален специјалитет? 

- Еквадор има зеленчук, овошје, тропско овошје, риба и морски плодови како ниедна земја во светот. традиционалниот специјалитет им е Менестра со карне (бифтек, ориз и леќа или грав). Исто така подготвуваат еден вид на банана, зелена и поголема, која се вика Платанас. Ја подготвуваат на различни начини, најчесто пржена со многу зејтин. Јадат многу шеќер, торти, колачи. Премногу се благи за наш вкус. Кафето исто го пијат многу благо, разредено и секогаш со леб кој се мацнува во него.

Кои се туристички атракции во Еквадор?

- Целиот Еквадор е туристичка атракција. Пред се затоа што е земја која има најголем биодиверзитет во светот. Толку билни и животински врсти во една земја нема никаде. Тука во исто време постојат четири климатски подрачја, потполно различни. Плажа на Пацификот, Андите со планински реки, водопади, вулкани, Амазонската прашума и островот Галапагос.

Исто така атракција се смета и Банос или Вилкабамба, каде што мештаните живеат преку 100 години, поради чистиот воздух и благата клима. Интересно е да се посетат и градовите како Quito кој е највисок град на 2800 мнадморска височина и Cuenca со најсочувана архитектура во Латинска Америка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг