Стефан (Некст Тајм): Во Барселона ми се исполни еден детски сон

Точка

05/09/2018

14:42

4.430

Големина на фонт

а а а

Ако играте фудбал од дете и го сакате овој спорт, нема многу двоумење каде ќе се упатите прво доколку ја посетите Барселона. Па, не е мал бројот на оние кои и специјално одат во овој шпански град само за да проследат фудбалски натпревар на тимот на Барса.

Стефан од „Некст Тајм“ покрај вокалните способности, како и неговиот брат Мартин е вљубен во фудбалот. Повеќепати досега споменале дека како деца тренирале фудбал, а и до ден-денес, во слободното време. Можеби фудбалот е повод да се отиде во Барселона, но овој град нуди многу повеќе. Еве како изгледа тој низ призмата на Стефан. 


Уште кога ќе стигнеме на одредено туристичко место, самата интуиција ни кажува „дали е или не е за нас“. Кој беше твојот прв впечаток кога стигна во Барселона?

Стефан: Кога слетуваш во град како Барселона, веднаш наидуваш на позитивно чувство. Не знам дали е до климата или навистина градот сам по себе носи некоја магија..Прави да се чувствуваш слободно и опуштено, пријатно.


Што не смееме да пропуштиме да погледнеме во Барселона?

Стефан: Искрено не се сметам себеси за истражувач на се' што градот може да понуди и да се види. Но, јас имав една работа и едно посебно место кое што сакам да го видам, а тоа беше Ноу Камп и тимот на Барселона. За оние кои не' познаваат и следат не е ново дека и јас и брат ми сме вљубени во фудбалот од „мали нозе“. 


[Стефан на натпревар на Барса во Ноу Камп]

Има ли некоја случка по која посебно ќе го паметиш овој град?

Стефан: Бевме собрани поголемо друштво кое што знаеше добро да функционира. Ќе го паметам по заедничките дружби. По шетањето секојдневно по 12-13 км пешки, а чувството е како да не се изморуваш ни малку. Сите тие нови места кои што ги гледаш прават да заборавиш на тоа колку всушност многу си пешачел. Во спомен ќе ми остане натпреварот на Барселона што го гледав. Тоа беше остварување на еден од моите детски соништа. 

Каков е ноќниот живот?

Стефан: Ако збориме за дискотеки не ги посетував премногу, но ако збориме за ноќниот живот на Барселона во целост, тогаш овој град е најраздвижениот град што јас лично сум го видел. Постојано има луѓе по улиците, имаат доста интересни барови и позитивни луѓе.


Твој совет доколку некој реши да ја посети Барселона, што треба да има во предвид?

Стефан: Мораш да имаш во предвид дека ти требаат пред се' пари :). Се зборува за овој град дека криминалот е голем. Но, фала Богу јас на своја кожа не го почувствував тоа. Нормално доколку не си расеан со паметот и гледаш каде одиш се' ќе биде во ред.

Традиционален специјалитет, пијалок?

Стефан: Не можеш да ја посетиш Шпанија, а да не пробаш од нивната популарна и вкусна паеља и да не се освежиш со сангрија. Одлични беа и специјалитетот и пијалокот. Може да се пробаат и кај нас, ама таму се приготвуваат на посебен начин.


Колку е безбеден градот?

Стефан: Јас не се почувствував небезбедно. Но, бев доста внимателен. Ама понекогаш колку и да си внимателен некои случувања не зависат само од нас. Живееме во време во кое ниту една земја во светот не може да се каже дека е 100% безбедна, со оглед на терористичките напади кои не бираат регион, туку ги има насекаде. Па и Барселона не беше поштедена и тоа токму во тој период кога ја посетивме. 

Колку пари просечно се потребни за да се помине еден викенд во Барселона?

Стефан: Зависи кои се вашите очекувања, за што сте отидени и што сакате да видите во Барселона. Доколку сакате да водите гламурозен живот, потребни се пари. Ние не бевме отидени да се луксузираме, а посетивме она што ни беше во план и напиени и најадени не потрошивме богатство.


Има ли нешто што те разочара?

Стефан: Вечерта кога стигнав, дојдов, се сместив и се договоривме со еден од другарите со кој отидов таму, затоа што дел од друштвото беа отидени порано да излеземе и да се напиеме по едно пиво со убав поглед... Си купивме и седнавме покрај Катедралата и одеднаш дојде полиција и не' казни затоа што сме пиеле на јавно место. Не знаевме дека се толку ригорозни, ама затоа пак останатите денови уживавме.

Кога ќе се спомне Барселона, те асоцира на...

Стефан: На Фудбалскиот клуб Барса, на архитектурата на градот, на катедралите, со еден збор Барселона ме потсеќа на убави моменти. 

(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг