Арсовски: МВР со денови го крие третиот напаѓач на починатиот Саздовски

Макфакс

12/07/2018

16:27

216

Големина на фонт

а а а

МВР веќе четврти ден го крие третото лице кое што било соучесник во злосторството и убиството на малиот Никола Саздовски – Саздо, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, во изјава дадена пред Министерството за внатрешни работи.

Тој истакна дека не се соопштува идентитетот на третиот напаѓач, ниту се објавува негова фотографија за да биде пријавен од некој граѓанин доколку биде забележан некаде.

„Зошто МВР е целосно индиферентно кон третиот соучесник во убиството на малиот Никола Саздовски – Саздо? Дали зад ова се кријат политички мотиви? Дали третото лице има некакви врски со одредени моќници во власта? Дали некој чека да се создадат околности за бегство на убиецот и дали се добива на време за негово изготвување на нов идентитет со кој што ќе може да избега надвор од земјава? Дали треба да му се најде живеалиште и да биде засолнет како и претходниот убиец на младиот фудбалер Мартин Јанушев?“, се прашањата кој јавно ги постави Арсовски во обраќањето пред МВР.

Додаде и дека со неоткривањето на деталите за свирепото убиство на младиот Саздовски, МВР на Оливер Спасовски станува само соучесник.

„Полицијата под водство на Спасовски, наместо заштитник на граѓаните станува заштитник на убијци и криминалци, тоа го гледаме изминатиов период. Властите молчат и не кажуваат дали убијците биле сами во колата или постои и четврто лице кое ги превезувало убијците? Властите молчат каде избегале и кој ги заштитил убијците, а со тоа станал и соучесник. Властите неколку дена не преземаат ништо за расчистување на овој грозморен чин и случај. Како што не преземаа ништо ни за откривање на убијците на Мартин Јанушев, Дилавер Бојку Леку, Алит Абази или двете деца од Чаир, кои се уште се на слобода“, посочи Арсовски.

Тој сликовито опиша дека Скопје, но и целата држава наликуваат повеќе на Дамаск или Бејрут, но не и на европски град и држава.

„Македонија е држава во која убијци шетаат на слобода, а криминалците вооружени шетаат и вршат пресметки меѓу нив секојдневно. Ова не се ниту НАТО, ниту ЕУ стандарди и вредности. Зоран Заев, Оливер Спасовски и СДСМ ја влечат државата назад. Граѓаните не се чувствуваат сигурно, тоа го гледаат секој ден, исплашени се за нивната безбедност, исплашени се и за нивните животи и животите на нивните најблиски. Власта не е способна да си ја изврши основната функција, а тоа е заштита на граѓаните и гарантирање на нивната безбедност“, подвлече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека Оливер Спасовски мора да си даде оставка уште веднаш, а СДСМ да си оди од власта.



Спонзорирани линкови

Маркетинг