Прославата за НАТО нема цена

Макфакс

12/07/2018

14:22

1.900

Големина на фонт

а а а

Владата не знае колку пари ќе бидат потрошени за големата прослава по повод поканата за влез во НАТО. В сабота ќе се слави во 15 града со 40 изведувачи.

Извори за „Макфакс“ велат дека некои од договорите со изведувачите се потпишани уште пред еден месец, но од Владата тврдат дека конечната сума сè уште не ја знаат.

„Во наредните денови, кога ќе се утврдат сите детали за прославата, јавно и транспарентно ќе ги соопштиме сите информации за трошоците и организацијата на настанот“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Влада, за „Макфакс“.

Можност да ја слават поканата за НАТО ќе имаат жителите на Скопје, Битола, Струмица, Струга, Охрид, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Куманово, Прилеп, Тетово и во Штип. Во Скопје и во поголем дел од градовите во државата прославата ќе почне од 21 часот.

Од Владата нема објаснување како избрале во кои градови да се слави, ниту по кои критериуми се избрани изведувачите.

В сабота ќе настапат 40 познати музички ѕвезди, како Кирил Џајковски, „Архангел“, Дејан Декс, Дуке Бојаџиев, Горан Кан, Ферус Мустафов, Слаткар, Бени Нон Стоп и Златко Ориѓански, Ерик Фокс, Феки Ферис, „Ареа“, Кристина Арнаудова, „Нокаут“, Адријан Гаџа, Владо Јаневски, Лепи Џони, „Баклава“, „Фолтин“, Лозано, Дани Димитровска, Елена Ристовска, ДНК.



Спонзорирани линкови

Маркетинг