Манџукиќ направи фудбалска историја и ја одведе Хрватска во прво финале на мундијалите

Дерби

11/07/2018

23:59

3.389

Големина на фонт

а а а

Марио Манџукиќ ќе остане запаметен во историјата на хрватскиот фудбал, бидејќи напаѓачот на Јувентус е човекот кој ги одведе „коцкестите“ во прво финале на фудбалските мундијали откако погоди во вечерашното продолжение во мечот со Англија

Хрватите беа далеку од нивото на претходните натпревари цели 60 минути и Англичаните сосема заслужено имаа водство од 1:0 со голот на Трипие, но потоа на сцена стапија Модриќ, Ракитиќ и останатите играчи за врска кои завладеаја на теренот. По еден центаршут на Врсалјко, на вистинското место се најде Перишиќ кој на необичен начин израмни на 1:1, а сето тоа им даде само залет на Хрватите кои можеа да го решат мечот уште пред продолженијата.

Перишиќ го погоди дирекот само неколку минути по голот за 1:1, но сепак за Англичаните немаше спас во продолженијата во кои Хрватите беа далеку подобри. Пикфорд маестрално му одбрани на Манџукиќ во првото продолжение, но сепак исходот беше поразличен во 109-та минута кога Марио погоди по еден отпадок во шеснаестникот.

Со овој гол, Хрватска го надмина успехот на незаборавната генерација од 98-ма година со освоениот бронзен медал, додека Англичаните можат да жалат за пропуштената шанса на Хари Кејн при резултат 1:0 новата елиминација во една завршна фаза на мундијалите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг