Грб до грб со Дуке Бојаџиев и Тијана Дапчевиќ Тодевска: По дваесет години повторно заедно

Точка

16/04/2018

11:18

8.782

Големина на фонт

а а а

Почитта и љубовта меѓу двајца пријатели не може да ја загрози ниту една географска далечина. Тој е на едната страна од светот, во Њујорк, а таа во Белград. Но, се сакаат и се дружат како и од првиот ден кога се запознале и кога биле деца. Набрзо, на 11-ти и 12-ти мај ќе пеат и заедно во родниот град Скопје.

Еден од најистакнатите македонски композитори, Дуке Бојаџиев (кој соработуваше со неколку режисери - добитници на Оскар, меѓу кои Џонатан Деми за филмот, Данис Тановиќ, Рајко Грлиќ... и создаде музика за филмовите „Тајниот живот на Волтер Мити“ во режија на холивудскиот актер Бен Стилер и „Ветување“ со Кристијан Бејл и Оскар Ајсак во главните улоги.

Тој соработуваше и со артисти како Синди Лопер и „Телепоп мјузик“, а настапи и во „Карнеги Хол“ во Њујорк, „Авалон театар“ во Лос Анџелес и Античкиот театар во Охрид. По две години, Дуке повторно ќе настапи пред македонската публика со два концерти во Скопје во новиот објект на Македонската филхармонија. Во рамките на целовечерниот концерт со наслов „Сон Верба Љубов“ (реализиран во соработка со Министерството за Култура и „3Гонга”) Бојаџиев ќе свири дела и од неговиот истоимен нов албум, како и мелодии од неговото поново филмско творештво.

Покрај актерката Наташа Петровиќ – вокал и нарација, кларинетистот Исмаил Лумановски, тапанарот Костас Анастасиадис, контрабасистот Мартин Ѓаконовски на сцената со него ќе настапи и специјалната гостинка - пејачката Тијана Дапчевиќ Тодевска, која е негова добра другарка уште од детските денови. Токму таа приказна Дуке и Тијана ја споделија со Точка... 

Дуке, ѝ се враќате на македонската публика со два целовечерни концерти насловени „Сон Верба Љубов“ (како името на новиот албум) и со дел од Вашите понови музички филмски дела. Сон, верба и љубов – трите нешта, кои денешниот свет сѐ помалку ги негува и е свесен за нив. Каква вредност имаат тие во Вашиот живот? Ултимативна? Или...? 

Дуке: Кога ќе погледнам наназад низ животот, сфаќам дека тие три компоненти, да сонувам, да верувам во своите соништа и да го љубам патот по кој ме носат ме оформија во она што сум денес. Ми требаше многу време и зрелост, во комплексноста на животот да најдам најмал заеднички содржател, а тоа се токму овие три нешта кои беа и основа во процесот на моето професионално и духовно будење и осознавање. Ако тие се сфатат сериозно, во животот сѐ ќе биде возможно.


Веќе со години живеете во главниот град на светот, каде делуваат милиони и милиони луѓе, дишат, успеваат, страдаат... Од Вашето искуство и перцепција, постои ли среќата и во каква форма?

Дуке: Среќата е импулс на задоволство, кое зависи само од нас. Во секој момент постојат ситуации и причини поради кои можеме да сме среќни или несреќни, зависно од кој агол ќе одлучиме да ја гледаме ситуацијата. Среќата е личен избор. За мене среќа е живот полн со предизвици. Кога сме во темна фаза во животот, тежнееме да мислиме дека сме закопани. А, можеби всушност сме засадени.

Никнете и цветајте! Таму е среќата.

Новиот албум за разлика од претходниот (кој кога го слушате „гори“ во срцето), носи посуптилна емотивна нитка. Тој е одраз/израз на какви доживувања?

Дуке: Албумот “Љубовта е патот” беше резиме од едно друго време и искуство. Кулминираше со моето патување во Перу во 2007-ма година, непосредно пред да го завршам албумот каде имав магично искуство со Перуанските шамани со кои направив Ајахуаска ритуал, илијадници години стар и пренесуван на поколенија. Ме однесе на длабоко патување во себе и вон себе, каде ми се потврди тезата дека дефинитивно целиот универзум е направен од љубов, а сѐ друго е илузија која ја креира мозокот. Тоа беше експлозија од информации и длабоки духовни искуства.

Пред неколку месеци, по 10 години работа го завршив и новиот албумот “Сон Верба Љубов” и сфатив дека иако патот е Љубовта, клучот да се држи и цврсто да се гази по тој пат се Сонот и Вербата. Во тој период станав родител, но и изгубив родител (татко ми). Осознав друга димензија на зрелоста. Сето мое животно искуство директно се одразува во моето творештво. Никогаш не би сакал креативно да се повторувам, ниту пак можам затоа што креативноста ми е инстинктивна - не доаѓа од разумот, туку од срцето, во зависност од тоа низ какви искуствата поминувам.

На концертите во Скопје, кои ќе се случат на 11-ти и 12-ти мај во новиот објект на Македонската филхармонија, со Вас ќе настапат и свират неколку еминентни артисти, меѓу кои е и Тијана Дапчевиќ Тодевска - Ваша долгогодишна пријателка. Како и кога посакавте таа да биде дел од проектот?

Дуке: Со Тијана сме пријатели од најраното детство, бидејки нашите родители се дружеа. Потоа кога пораснавме продолживме да се среќаваме и дружиме со ист круг на пријатели. Секогаш бев импресиониран од нејзините гласовни можности, па на мое долго и упорно инсистирање Тијана почна да пее. Снимивме повеќе песни со кои собравме награди по фестивали, што нѝ ја зголеми самодовербата дека и двајцата сме добри во тоа што го правиме. Потоа јас заминав за Америка, Тијана за Белград, ама нашето пријателство си остана, со тоа што секој продолжи да работи на свои проекти. Дружбата и пријателството останаа непроменети, какви што само може да бидат другарства од рано детство.

Дваесет и кусур години подоцна, кога ги подготвував концертите што следат во мај, размислувајки за вокален гостин, одеднаш ми се вратија сите спомени од нашите преубави музички соработки и еуфорично и импулсивно ѝ пишав на Тијана и ја прашав дали е можеби заинтересирана да биде мој музички гостин на концертите. Сепак не сме соработувале долго време, па не знаев што да очекувам како повратен одговор од неа. На мое големо задоволство веднаш добив позитивен одговор.

Да се навратиме наназад многу години кога почна сè. Кои интересни моменти од тие времиња би ги споделиле со нас?

Тијана: Се знаеме цел живот, ама кога ќе кажам "цел живот" навистина мислам цел живот. Татко му на Дуке, чичко Тодор, покрај тоа што беше прекрасен човек и генијален доктор, беше и спектакуларен музичар и ја напиша најубавата композиција за контрабас која татко ми на времето ја свиреше. И така почнаа родителите да нѝ се дружат. Логичен след на околностите беше и ние да го поминуваме времето заедно и да се дружиме. Интересно во целата приказна е што Дуке ме тераше да пеам откако знам за себе сè до таа '94-та година кога ме натера да настапам (за прв пат се појавив на фестивал со песна од Дуке). И ете благодарение на Дуке пеам до ден-денешен.

Никогаш нема да заборавам кога Дуке свиреше импровизации на клавирот, а јас го следев и тоа звучеше како да сме го вежбале со денови. Сите нѝ се чудеа.


Кои се оние особини и нешта кои го изградија вашето пријателство, а кои ги негувате и денес? Истите вкусови за некои нешта, различните темпераменти и карактери...?

Тијана: Секогаш бев потемпераментна од Дуке, а тој пак беше поистраен во неговите идеи. Секогаш имавме ист вкус за музика.

Каква е Тијана? А, каков Дуке?

Тијана: Дуке е ист и непроменет. Си остана таков каков што го знам цел живот. Исклучително талентиран, бескрајно романтичен и пред сè - добар човек.

Дуке: Тијана отсекогаш блескаше со талент, шарм и харизма, преполна со енергија која освојува и плени.

Како изгледа вашето дружење, сега кога сте на различни страни на светот? Дали интензитетот на почит и љубов останува ист и без разлика на тоа колкава е временската дистанца од последниот повик, дописка или средба?

Тијана: Да е жив и здрав интернетот. Верувајте дека комуникацијата нѝ е со ист интензитет откако е тој надвор од земјава. Воопшто не изгледа дека се гледаме секоја престапна година. Секогаш кога ќе се видиме, изгледа како да не поминал ни ден раздвоени.

Сега во мај ќе бидете заедно и на сцената, во Скопје. Како секој од вас го доживува враќањето во родниот град? Има ли тука шопски салати, ќебапи, домашна ракија, вино или...?

Тијана: Имам среќа да поминувам повеќе време во Скопје за разлика од Дуке. Ама секако дека кога ќе се сретнеме - се враќаме и на домашната ракија и на виното и на шопските салати.

Едно е Скопје во кое вие пораснавте и созревавте, а сосема друго е сега. За што копнеете, за што жалите од тие денови?

Тијана: Огромна е разликата од нашето Скопје тогаш, со ова Скопје сега. Тогаш времето го поминувавме на улица и во студио каде создававме музика и прекрасно се дружевме. Фала му на Бога немавме интернет и му се радувавме на животот, што не значи дека сега не му се радуваме. Се радувам бескрајно на овој концерт каде ќе му бидам гостинка на Дуке.

Имате ли прекари еден меѓу друг?

Тијана: Откако Дуке живее во Америка, јас го викам Дјук (се смее).

Дуке: За мене Тијана секогаш била и ќе биде Тијана.

Машко-женското вистинско пријателство е реткост. Дали ги споделувавте најдлабоките емотивни искуства, животните маки, барате совет приватно и професионално?

Тијана: Машко-женско пријателство не е реткост. Дуке и јас сме пример дека тоа постои. Мене ми е тој како брат со кого споделувам сè.


Дали си одите на гости одвреме-навреме? Како тогаш го минувате времето?

Тијана: Дуке неколку пати беше во Белград кога завршувавме во кафеана. Ете, јас не сум му била уште на гости во Америка... ама наскоро и тоа ќе бидне.

Тијана, Вие сте сега професионално ангажирана во Скопје... Како го живеете градот деновиве? Дали Ви е предизвик новиот професионален ангажман во „1ТВ“? Ви недостига ли Белград и секојдневието таму?

Тијана: Моментално сум во процес на подготовки за ТВ шоуто "Вечер со Тијана" кое ќе стартува во почетокот на мај. Во изминатиов период бев повеќе во Скопје отколку во Белград, но откако ќе почне емитувањето на шоуто, десет дена ќе бидам во Скопје, а останатите дваесет во Белград. Со добра организација сè е возможно.

Дуке раскажете еден Ваш ден во Њујорк кога работите интензивно, а и кога имате некој слободен час?

Дуке: Тоа се менуваше низ годините, но интензивноста секогаш беше иста. Во периодов денот ми започнува во 6 часот наутро кога се будам заедно со мојот син, го подготвувам за на училиште, го носам и потоа одам во моето студио каде работно го поминувам остатокот од денот и дел од ноќта. Викендите во потполност ги посветувам на домот и семејството.

Кои личности од тука и денес и на двајцата ви останаа пријатели?

Тијана: Имаме среќа што и двајцата останавме во контакт со целата екипа (друштво) со кое пораснавме.

Кои се нештата што ве прават задоволни со/во себе? На кои им се радувате и кои ви даваат волја да продолжите напред и да ги остварите идеите/соништата?

Тијана: Ѝ се радувам на музиката, им се радувам на луѓето, им се радувам на сите нови денови кои ми даваат волја да продолжам напред.

Дали сте сонувачи? Го сметате ли тоа за маана или пак за дар од Творецот/Космосот/Бога?

Тијана: Благословена сум што ја работам работата која ме исполнува и која ја сакам. Му благодарам на Бога што ми го овозможи тоа. Сонувам за тоа Дуке да напише мјузикл каде ќе настапам во главна улога на Бродвеј.

Дуке: Сонувач сум откога паметам за себе. Го сметам за маана кај луѓето тоа ако не се сонувачи, зашто тоа е најубавиот Божји дар чиј потенцијал секој од нас го носи. Сонувањето е извор на сите инспирации, реализации и убавини што животот ги носи.

Скопје ’94 непосредно пред Скопскиот фестивал


Ручек-средба во Белград, 2016-та година

Среќата е личен избор. За мене среќа е живот полн со предизвици. Кога сме во темна фаза во животот, тежнееме да мислиме дека сме закопани. А, можеби всушност сме засадени

Благодарение на Дуке, пеам до ден-денешен

Пишува: Гордана Настевска Манасијеска 



Спонзорирани линкови

Маркетинг