Темпера: Некогаш сме тивки, а некогаш жестоко енергични

Точка

13/04/2018

12:48

3.956

Големина на фонт

а а а

По албумот „Играј!“, полека се крчка и новото издание на рок блуз бендот „Темпера“, каде членуваат истакнати македонски музичари Драган Гиновски – Гино, Мите Димовски, Џоле Максимовски и Тања Тас, кои учествувале и соработувале во најкултните македонски бендови како: „Архангел“, „Мизар“, „Кисмет“, „Влатко Стефановски Трио“...

Во моментов актуелни се со песната „Не застанувај“ која ќе се најде на новиот албум на кој работат сега. А, на 18-ти април во клубот „Станица 26“ ќе одржат и концерт... За Точка зборуваше пејачката на бендот Тања Тас, која зад себе има интересна музичка кариера, иако по вокација е сликар и графички дизајнер 

Од досегашните концерти и настапи, што сте забележале или почувствувале? Отворена ли е публиката за нов авторски бенд, за нов звук? 

Бендот „Темпера“ е последица на големата желба и волја да се создава. Оној креативен немир кој принудува да биде манифестиран, а ако е игнориран се чувствува како голема гладна нервозна празнина. Мислам дека никој од нас во бендот не сака да прави компромис во однос на тоа. Јас, Мите, Гино и Џоле сме различни и слични по енергија, со нашите фреквенции го боиме звукот на „Темпера“ со радост и леснотија токму поради љубовта кон музиката и создавањето. Мислам дека успеваме тоа чувство да и го пренесеме на нашата публика која барем досега не останала рамнодушна по секој наш настап.

Човекот отсекогаш бил љубопитен и расположен да восприеми нешто ново, но дали и како ќе реагира на истото е прашање на сензибилитет. Наше е да бидеме доследни на нашиот порив и да создаваме без компромиси.


Јадрото на бендот го сочинуваат познати македонски музичари кои биле дел од најголемите култни бендови тука како: Архангел, Влатко Стефановски Трио... Како жонглирате со идеите за тоа како ќе звучи следната песна или албумот? Кој го има приматот? Или се вклопува сечија идеја...?

Да, тука се Драган Гиновски – Гино (гитара), Мите Димовски (тапани) и Џоле Максимовски (бас гитара). Сечија идеја е релевантна и сечија идеја подеднакво и објективно се обработува. Како автори на песните учествуваме сите.

Вие како единствена жена во составот, се чувствувате удобно и комотно или сте тампон зона? 😊

По сите членувања во разни состави, а воедно и тука во „Темпера“, не сум почуствувала дека тоа што сум жена имало некаква улога во однос на релациите и амбиентот во бендот.


Имате ли подолга музичка историја како вокал?

На 16 години влегов на пократок период во македонската блуз група „Вајлд банч“ (Wild bunch) и токму тоа искуство ме нурна во музичките води. Со нив имав неколку настапи од кои како позначаен за мене е настапот на „Блуз фестивал“ кој тогаш се одржа во Куршумли Ан. Во 2012 година имав самостоен блуз концерт. Имам соработувано со голем број музичари и групи од кои би ги издвоила соработките со Игор Атанасовски-Харе и „Аутмајнд“, „Кисмет“, Горан Трајкоски, „Мугер фугер“, Александар Ристовски- Принц со проектот „Фем фатал“...

Со кои жанрови кокетирате? Како го изградивте тој звук? Кои се бендовите од светската сцена кои имаа силно влијание врз Вашиот музички сензибилитет и начин на размислување?

Ако почнам да издвојувам музичари кои сум ги слушала и како такви имале влијание врз мене листата би била предолга. На неа сигурно би доминирале џезот, блузот, рокенролот, панкот, гранџ сцената, алтернативата... Од Били Холидеј, Беси Смит, Џенис Џоплин, „Д Дорс“, „Ролинг Стоунс“ до „Рамонс“, „Секс Пистолс“, Иги Поп, „Баухаус“, „Нирвана“, „Д Кјур“, Џеф Бакли, Дејвид Боуви, Ник Кејв, „Депеш мод“...

Во коренот на зборот Темпера означува „вистинска мерка“... Вистинска мерка за што?

Темпера создава урбана музика полна со енергија. Песните се создаваат постепено со секој тон, збор, со секој риф, идеја... Тие се дефинираат, вообличуваат од нас како глината под прстите на вајарот. Звукот на нашата музика е рефлексија, сублимат на нашите личности кои некако се поврзуваат низ неа, прават целина. Целина која е составена од нашата експресија, збир на нашите искуства, интереси... Од латински “temperare” – значи да се измеша, да се добие „нешто“ од елементи во одредена пропорција или вистинска мерка како вистински сооднос на квалитети кои образуваат, создаваат уникатна целина со сопствен живот, мирис, пулс... како детето, како билките, како ние самите, како светов околу нас... како и се што произлегува од секој од нас.


Како изгледаат Вашите секојдневија, преплетени со создавање музика и грижа за семејствата?

По професија сум сликар и графички дизајнер. Работам како слободен уметник од дома. Флексибилното работно време ми оди во прилог за да можам да се пренасочувам од една на друга активност и интерес. Семејството и нашиот син се секогаш на прво место.

Велите: Темпера е група која промовира општествено социјална ангажираност на секое ниво со тоа што акцентот е ставен на индивидуата и нејзиното лично овоземско патување. На кој начин го правите тоа?

Насловот на првиот албум е „Играј!“(2014). Се разбира дека не се мисли конкретно и единствено на танц со телото. Идејно песните промовираат активност, ангажираност а не пасивност. Движење, а не застој. Тоа е повик да не се дозволи да застане мислата, и тоа не само како своевиден танц со и во мислите, туку и во решителноста да се делува, да се истражува и да не се игнорира поривот за игра кој претставува своевиден одбранбен механизам за заштита и одбрана на душата на една индивидуа.


На концертот на 18.04.2018 ќе свирите песни од албумот „Играј“ како и промоција на новиот материјал од вашиот втор албум кој е во подготовка. Најавувате енергична свирка. Што носи новиот албум, наспроти претходниот?

По „Тивка река“ и „Ѕвер“, сега ја промовиравме песната „Не застанувај“. Првиот албум е карактеристичен по различноста на стиловите на песните. Такви се и песните кои ќе се најдат на вториот. Тивки сме со „Тивка река“, а енергични со „Ѕвер“. Сите се обоени со нашиот препознатлив звук. Нашиот нов албум е во подготовка и голем дел од него ќе биде отсвирен на нашиот концерт во среда на 18.04.2018 во клубот „Станица 26“, со почеток во 21.00 часот. Концертот е во организација на „3Гонга“.

Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Приватна архива 

Бендот „Темпера“ го сочинуваат исклучителни музичари, кои досега биле дел од големи проекти 




Спонзорирани линкови

Маркетинг