Милчо Манчевски: Неправдата која системот и лошите луѓе им ја нанесуваат на најранливите, боли и лути

Точка

02/03/2018

16:05

6.788

Големина на фонт

а а а

Од Бразил на филмскиот фестивал „Сао Паоло“, па Белград на „Фест“, па Португалија, па Калифорнија, па Софија, па Истанбул... ваква е деновиве агендата на познатиот македонски режисер, кој ја доживува светската премиера на неговиот најнов американски филм „Бикини Мун“, чија премиера ќе се случи и во Скопје на 22 март во кино „Милениум“ во организација на Младинскиот културен центар.

Вознемирувачки, немирен, саркастичен, заводлив, непредвидлив – се зборовите на светската критика за новото филмско дело на Милчо Манчевски, кое жанровски не може фиксно да се смести во ниту една категорија. На моменти доминира документарниот израз, а одредени кадри „нè возат опасно“ во фикција. Но, емотивната нитка и во овој филм, како и во сите негови претходни е она што ја „држи кнедлата во грлото и на градите“ кај секој гледач.

„Бикини Мун“ е посветен на скршените семејства и животот на бездомниците во Америка. Заради хектичниот распоред беше невозможно да го сретнеме во живо за овој разговор, па затоа се послуживме со комуникациските виртуелни алатки. Го слушнавме на „Скајп“ по слетувањето во Њујорк, каде ги сподели неговите размисли за општеството, системот во кој живееме, за хуманоста/дехуманоста на луѓето, нивната емотивна крутост и отсуството на емпатија...  


Што се случи, односно која случка, ситуација, личност, сознание Ве „натера“ да се посветите на истражување на пост-воените психолошки и ментални лузни и да го создадете „Бикини Мун“? 

Суштината на „Бикини Мун“ е идејата дека ја губиме приватноста, дека преку медиумите секој за секого сѐ знае, дека се претвораме во робови на една глобална паланка. Овој концепт го истражувам низ форма на лажен документарец, нешто што бара повеќе ангажман и од авторот и од гледачот. На крај имаме еден сложен филм во кој често не знаеме што е вистина, а што фигмент на фантазијата на главниот лик.

Бездомните луѓе се жртва на системот, кој нѐ тера да влеземе во рамките (нему соодветни) да живееме по „моралните норми/закони/кодекси“ (при тоа потполно гушејќи и газејќи ја етиката, која е сосема различна категорија од моралот) и сѐ што е поинакво и природно и спонтано и носи желба за слобода и израз, го осудува на смрт (физичка/реална или ментална/психолошка и духовна). Ве разгневува ова? 

Секоја неправда боли, а неправдата која системот или лошите луѓе им ја нанесуваат на најранливите знае и да боли и да налути. Бездомниците – и во Њујорк, каде „Бикини Мун“ се случува, и во Македонија – често се справуваат и со ментални проблеми, па едното влијае врз другото негативно, и обратно, и на крај се создава цела негативна спирала. 

Статистиката вели дека во САД има повеќе жртви по враќањето од фронтот во Ирак (самоубиства), отколку на военото поле... Единката е идеја, светлина, а за овој свет, за ова општество таа е само бројка – ЕМБР. Терминот „хуман“/„хјуман“ очигледно концепциски и содржајно веќе не ни прилега. Далеку сме од емпатија (колективна) и од почит кон другите и светот. Како Вие размислувате за тоа? Што гледате и забележувате околу себе? До каде сме како цивилизација? Кои сме сега? Каде чекориме? 

Да немаше соработка и солидарност, немаше да има човештво, уште ќе живеевме на гранка. Сите достигнувања се резултат на колективен напор и на потпирање на достигнувањата на претходните генерации. Замислете секоја генерација одново да го откриваше огнот или да го измислуваше тркалото. Убаво е, и важно е покрај таа соработка да имаме и емптатија и љубов кон другиот. Така и нам ни е поубаво. 


Филм во филм во филм... Повторно жонглирате (ако не со времето), тогаш со жанровите. Многу пати фикцијата е факт... Зависи кој како ги перцепира/поима нештата. Го живеете ли тоа? Откријте повеќе за процесот на создавање на сценариото/истражувањето и за снимањето на „Бикини Мун“... 

Прво беше структуралистичката идеја. Често поаѓам од структурата при градењето на моите филмови и ја градам паралелно со – а понекогаш и пред – приказната. Во „Прашина“ тоа беше разбиениот (кубистички) наратив, во „Пред дождот“ (лажната) циркуларност на три навидум одвоени приказни, во „Мајки“ судрувањето и гушкањето на прозата и документарното во ист филм... Во „Бикини Мун“ имаме филм во филм. Направивме двојно контролирана стварност со тоа што снимавме лажен документарец. Потоа дојде прашањето што е лага, а што вистина, особено кога се гледа низ некој медиум. Затоа решив главен лик да биде човек кој има сложен однос со стварноста, човек со ментална болест. Така се роди Бикини Мун Дејвис, харизматична, привлечна, многу духовита жена, ама и жена која има ментални проблеми. 

Овој филм е жанровски најблизок до „Мајки“, а многу поразличен од останатите ваши филмови. Како би го дефинирале овој формат на филм? 

Сите мои филмови се помалку или повеќе експерименти. Иако имаат релативно класични стории, по структура тие се донекаде експериментални. Се разбира, она што вчера било експеримент, утре ќе стане стандард. Така и „Бикини Мун“ е експеримент со формата. Јас сметам дека авторот, уметникот има среќа, потреба, па дури и должност постојано да се менува, да експериментира, да ги растегнува границите на очекуваното. Без игра нема уметност. Треба да си игра уметникот, а потоа да се здроби од работа за да ја надгради таа игра во уметничко дело. 


Велите дека се обидувате да ја испитате природата на вистината и дали вистината има повеќе лица или постои една вистинска вистина. Кога гледаме документарен филм на пример, дали е тоа вистина за разлика од она што сервираат медиумите? 

Документарниот филм може да лаже повеќе од играниот. Често тоа и го прави, а се крие зад конвенцијата дека документарците („документи“) имаат монопол на вистината. И документарниот филм и она што го гледаме на вести, ама и она што го гледаме на ЈуТјуб и на Фејсбук – сѐ се тоа процесирани вистини, кои поминале низ лични или корпорациски или политички филтери. Никој нема монопол на вистината. Најчесно е човек транспарентно да каже кој е неговиот субјективен став во врска со фактите, оти вистината се фактите плус ставот.   

Ова што го кажувам е можеби малку езотерично и апстрактно во време кога фактите и таа основна вистина околу која не треба да има дилема се прегазени и понижувани. Политиката и власта одсекогаш лажеле, ама она што сега се случува – Трамп, Брегзит, претходната власт во Македонија, грчката политика... – тоа е на ниво на барон Минхаузен.

Интересна млада актерска екипа. Што видовте во Кондола Рашад, која ја игра главната улога, ликот на Бикини? 

Кондола е феноменална глумица. Занаетски зрела и многу храбра – сѐ ќе проба во име на ликот и на филмот. Сега игра во „Милијарди“ на Шоутајм, има три номинации за Тони („Бродвејски Оскар“), а деновиве има премиера на Бродвеј како Јованка Орлеанка. Во Њујорк е мерак да работиш кастинг оти има илјадници феноменални глумци гладни за добра улога. Викнавме на кастинг околу 300 глумци во период од четири месеци. Сара Голдберг, Вил Џеновиц, ама и глумците во помали улоги во заби го носат филмот и се голем адут. 


Вашиот уникатен пристап во кастингот никогаш не Ве изневерил досега... Во Вашите досегашни филмови неретко им доверувате улоги на актери за кои останатите филмаџии немале слух да го видат талентот во нив, за по вашите филмови да почнат и другите да ги кастираат. Одлучувате по интуиција? По енергија? По сензибилитет? 

Одлучувам по актерска чесност и по занает. Двете најважни работи. Потоа енергијата. Изгледот и статусот на глумецот ми се неважни. 

Единствен Македонец во оваа екипа (освен Вас) е Игор Новоградска, кој ја создаде музиката за филмот. Зошто изборот падна токму на него? 

Затоа што маестро Новоградска е фантастичен композитор, аранжер и соработник. 

Паралелно со светските премиери на филмот, тукa кај нас се подготовува и реизданието на албумот „Бастион“ на истоимениот култен бенд. Поминаа цели 35 години. Во 2007 година ПМГ рекордингс направија реиздание како „Work & reworks“, кое е за почит. И еве сега повторно ќе се реиздава. Вие бевте дел од бендот како режисер на видео спотот „Hot Day in Mexico“ и автор сте на сите песни. Од денешен ракурс, какви емоции Ви носи сеќавањето на тие денови?

Бевме многу гладни за творење, за работа, за успех, за разбирање. Времето беше споро и статично и ние му влеговме како шило. Албумот го напишавме брзо, го снимивме и измиксавме за само 19 саати. Го издадовме и после се разотидовме, јас за Њујорк, Кики (Кирил Џајковски) за Австралија, Ана за Суботица. Само Кучкарот (Љубомир Стојсављевиќ) остана во Скопје. 


Што ве прави среќен? 

Слобода.

И документарниот филм и она што го гледаме на вести, на „Јутјуб“ и на „Фејсбук“ – сѐ се тоа процесирани вистини кои поминале низ лични, корпорациски или политички филтери. Никој нема монопол на вистината

Светската филмска критика за „Бикини Мун“: 


Со овој филм Манчевски нè води до најтемните агли на психичкиот универзум на Бикини, филмот нè води и на патување низ темнината на колективната психа на нашето општество. Тој прави катарзичен филм кој има за цел да ја деконструира целокупната цврста структура на социјалниот модел и идеолошкиот дискурс одржуван од овој статус кво; тој ја напаѓа приватноста, се разредува себеси, ги раскинува приватните простори со цел да се запраша со таква леснотија дека, „сè што е солидно, се демонтира во воздух". Или подобро: се раствора како кисело патување. Неговото дело е провокативно, саркастично и иронично, флертува со надреализмот за да ја прикаже реалноста во форма која никој друг документарец, не успева да го стори толку добро. Микини Мун е „документарен филм за една бајка“. Тоа не е ни документарен филм, ниту псеудо-документарен филм (mockumentary); тоа е фикшн филм за документарен филм, кој се однесува на екипа на документарци, кои ја снимаат реалноста, која се претвора во изненадна урбана модерна бајка. Филмот иницира дијалог за скршени семејства и животот на бездомниците во Америка


Направивме двојно контролирана стварност


Во Њујорк е мерак да работиш кастинг оти има илјадници феноменални глумци гладни за добра улога


Документарниот филм може да лаже повеќе од играниот


Маркантниот Џозеф Фајнс беше еден од главните актери во филмот „Прашина“ на Манчевски


Милчо со актерската екипа од „Бикини Мун“: Сара Голдберг, Кондола Рашад и Вил Џеновиц


Кондола Рашад е прекрасна актерка (нејзина мајка е актерката Филиша Рашад од позната ТВ серија „Козби шоу“)


Кафе-пауза на сонце меѓу сетовите


Премиера на филмот „Прашина“: актерите Ен Бросет, Дејвид Венам и Николина Кујача


Тарантино е само еден од многуте негови холивудски пријатели


Опкружен со филмските великани на доделувањето на „Оскар“ наградите во Лос Анџелес, кога за оваа награда беше номиниран и неговиот филм „Пред дождот“ во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, 1995 година

Пишува: Гордана Настевска Манасијеска



Спонзорирани линкови

Маркетинг