Вељановски: Годишната програма на Министерството за култура е скандалозна

Макфакс

14/02/2018

14:12

188

Големина на фонт

а а а

Годишната програма на СДСМ и министерот за култура Роберт Алаѓозовски е безидејна, неправична, популистичка и не поддржува рамноправен културен развој во Република Македонија, како на локално ниво, така и во однос на етничката застапаност на заедниците кои живеат во Република Македонија, смета Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Програмата е одраз на задоволување на апетитите на подобните соработници на Заев чии долгови се подмируваат со пари на граѓаните. Нетранспарентноста на критериумите согласно кои се одобрени проектите и распределени средствата, ни дава за право, да заклучиме дека основните критериуми и начела за распределба на проектите се пред се политички, а дури потоа естетски. Најгласните експоненти на таканаречената ‘Шарена револуција’ се застапени со два, три или четири проекти, а се кратат или се одбиваат голем број значајни проекти. Министерството за култура поделило пари и за проекти во кои фигурираат и членови на комисиите, а финансиска поддршка е предвидена и за проекти зад кои стојат членови на Советот за култура на министерството“, рече Вељановски.

Според него, најтрагични се оправдувањата дека биле направени само технички пропусти. „ВМРО-ДПМНЕ бара Владата и Министерство за култура под итно да ја повлечат Годишната програма и да отпочнат постапка за изготвување на нова програма за 2018-та согласно декларираните принципи на правичност, диверзитет во распределбата и силна поддршка за уметниците и културните работници, а согласно интересот на сите граѓани на Република Македонија“, рече Вељановски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ бара да бидат повлечени и сите членови на комисиите кои имаат конфликт на интереси и да се постават нови кои немаат.

„ВМРО –ДПМНЕ бара програмата под итно да биде повлечена и поради скандалот без преседан во историјата на македонската култура, скандал во кој една од најреномираните македонски културни установи поднела документи и добила проект без согласност и потпишано одобрение на членовите на македонската рок група со меѓународно реноме. Овој срам за македонската култура веќе е одбележан и во балканските медиуми како обид за измама и обид за проневера. Овој случај, остава простор за сомнение за слични или поголеми неправилности“, рече Вељановски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг