Пет најдобри гастрономски филмски наслови по препорака на Филип Поповски, Готвиме со Фичо

Точка

07/02/2018

12:32

1.773

Големина на фонт

а а а

Овој пат добивме идеја да ви предложиме пет филмски остварувања кои обработуваат слична тематика и за таа цел позборувавме со Филип Поповски. Насетувате за која тема зборувавме нели?

Филип Поповски или подобро познат како Готвиме со Фичо, ни препорача пет филмски наслови, кои според него се едни од најдобрите приказни преточени во филм, за готвењето на вкусна храна и животот на оние кои се главни виновници за истата. 

1. Burnt (2015) / IMDB: 6.6


Шеф Адам Џоунс (Бредли Купер) загуби се што имаше. Рок-ѕвезда со лоши навики, добитник на две Мишелин ѕвезди која секогаш се грижи само за создавање на нови, поразлични, експлозивни вкусови од храна. За да се врати повторно во својата кујна и конечно да ја добие третата Мишелин ѕвезда, потребни му се најдобрите од најдобрите меѓу кои и убавата Хелен (Сиена Милер). 

Адам бил некогашен топ-шеф во Париз, се додека дрогата и алкохолот ја доведуваат неговата кариера пред пропаст. Откако се преселува во Лондон, наидува на неговиот поранешен колега кој го вработува како главен шеф во својот ресторан. Копнејки по перфекција, заедно со неговите соработници, темпераментниот Џоунс добива втора шанса да го оствари својот сон и да ја добие третата Мишелин ѕвезда.


2. Chef's Table (2017, 2016, 2015) / IMDB: 8.7


Оваа серија ја разработува приказната за животите на шест од најдобрите шефови на светско ниво. Секоја епизода се фокусира конкретно на еден шеф и нивниот живот, нивниот талент, пасијата кон готвењето и делче од нивниот кулинарски рај.

Chef's Table е Американска документарна серија која се емитува на Нетфликс. Сценаристот David Gelb вели дека е последователна приказна на неговиот претходен документарен филм Jiro Dreams of Sushi кој е закитен со најпозитивни критики. 

3. Le Chef (2012) / IMDB: 6.7


Сценариото на Daniel Cohen кое тој го напиша заедно со Olivier Dazat, раскажува за една несекојдневна релација на два шефа: Легендарниот Alexandre Lagarde (Jean Reno) и помладиот и поимпулсивниот Jacky (Michaël Youn).

Тие се запознаваат на една неочекувана средба и се поврзуваат за да ја спасат кариерата на Lagarde која во тој момент стои на стаклени нозе. Lagarde има за цел да му докаже на новиот претпоставен дека традиционалната кујна во неговиот ресторан, закитен со три Мишелин ѕвезди, е се уште изводлива и исплатлива. И покрај тешкиот почеток Lagarde и Jacky со заеднички сили успеваат и ја постигнуваат својата цел и патем ја актуелизираат молекуларната кујна.  

4. Jiro Dreams of Sushi (2011) / IMDB: 7.9


Jiro Dreams of Sushi е Американски документарен филм режиран од Дејвид Гелб. Филмот е последователна приказна на Jiro Ono, 85-годишен суши мастер и сопственик на Sukiyabashi Jiro, ресторан закитен со три Мишелин ѕвезди. Sukiyabashi Jiro е мал ресторан, сместен на една метро-станица во Токио.

Филмот исто така ги профилира и двајцата синови на Jiro кои по стапките на својот татко станале суши-шефови. Помладиот син, Takashi отвора свој ресторан налик на оној на својот татко. Постариот син, Yoshikazu обврзан да го следи успехот на својот татко, се уште работи за Jiro и се стреми да застане на чело на ресторанот.  

5. Chef (2014) / IMDB: 7.3


Карл Каспер е шеф чиј фамилијарен живот се распаѓа исто како и неговата артистичка слобода. Неговите фрустрации преминуваат во јавно соочување против една критика за неговото готвење, кое патем е наметнато од неговиот претпоставен и се коси со инстинктите на Карл. Откако неговата кариера е уништена, неговата поранешна сопруга му нуди монтажна приколка во Мајами, каде што тој би можел повторно да ја открие својата гастрономска пасија. Карл со помош на неговиот помал син, Перси и неговиот поранешен колега, Мартин, открива дека тој создава една патувачка сензација на патот кон дома. Карл осознава дека покрај тоа што ја враќа својата пасија кон готвењето, ја враќа и конекцијата со неговото семејство.



Спонзорирани линкови

Маркетинг