Путин, Трамп и Меркел на карневалот во Вевчани

Макфакс

13/01/2018

20:16

3.990

Големина на фонт

а а а

На карнвалот доминираа маски за агадувањето, двојазичноста, патните трошоци на пратениците, нападот во Собранието на 27 април, правата на ЛГБТ заедницата, договорот со Бугарија…Карневалското дефиле започна со традиционалните маски, зетот и невестата, музичарите, Глупи Aвгуст и ѓаволите, а можеа да се видат и транспаренти „Македонците не се терористи”, „Каква Влада таков василичар”….

Претседателот на САД Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија, германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин продефилираа денеска низ улиците на Вевчани, на вториот ден од празнувањето на еден од најпознатите и најпосетените настани во земјава – Вевчанскиот карневал. Меѓу маските на креативните учесници на карневалот не изостанаа ниту ликовите на домашните политичари, кои и овојпат на шегобиен начин ги исмејаа актуелните општествени и политички случувања во земјава.

„Маските резонираат и со новите владини политики. Тие се критични и отворени и го шират она за што ние се залагаме како принцип, демократизација на културата, општеството и воопшто создавање нови хоризонти на критичката култура“, изјави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Според него, Вевчани и карневлот се носители на отпорот и на традицијата, на демократската борба и на критичноста, на слободоумноста и на креативноста.

Годинава настанот го проследија голем број на домашни и странски туристи, но и политичари и амбасадори. Вевчанскиот карневал кој последните години добива на масовност се претпоставува дека е стар околу 1.500 години. По традиција вечерва се оди на Вевчанските извори, а утре рано наутро се палат годинешниве маски по што вевчанци започнуваат со подготовките за наредната година.

„Тешко е да се изменаџира ваков настан пошто тука нема никакво сценарио,ова е отворено сценарио,нема режија“, вели Сашо Јанкоски, градоначалник на Вевчани.

Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Вевчанскиот карневал во суштина е обичај под маска, кој се нарекува „Свети Васиља“ (Василица). Се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на Св. Василиј Велики. На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Инаку, тој е пагански обичај кој тука се сочувал сè до денешни дни. Учесниците во него се нарекуваат василичари. Секоја година задолжителни се маските на зетот и невестата, на музичарите, на Глупи Aвгуст и на ѓаволите. Особено е карактеристична маската на Глупи Август.



Спонзорирани линкови

Маркетинг