Заговор за „Фени“, излезе аудиоснимка од лобирањето на претседателот на Синдикатот за Бугарите

Макфакс

12/01/2018

19:03

4.968

Големина на фонт

а а а

Вработените во „Фени“ ни ја испратија снимката револтирани од постојаното одложување на постапката преку која се надеваат дека ќе се најде решение за фабриката повторно да почне да работи.

Неколкумесечните тврдења дека претседателот на Синдикатот на „Фени“, Ѓоре Палитов, е продолжена рака на раководството и лобира за бугарската компанија „Енекод“, вработените во фабриката ги поткрепија со аудиоснимка. Тие во „Макфакс“ испратија тонски запис од состанок на Палитов со транспортерите, на кој ги убедува дека најдобро решение за фабриката, и покрај отворената стечајна постапка во велешкиот суд, е бугарската компанија. Состанокот се одржал во вторникот вечерта, а веќе во средата фирмите што вршеле транспорт за „Фени“ писмено се заканија дека ќе блокираат секакво рестартирање на фабриката ако не им се исплати долгот. Вчера, пак, велешкиот суд го одложи рочиштето за стечајната постапкпка за „Фени“. Поради жалба на Апелација од „Кунико рисирсис“ како досегашен сопственик, предметот не бил кај судијката Валентина Ѓоргиевска и поради тоа не можела да работи по него, па ново рочиште закажа за 7 февруари.

Претседателот на Синдикатот на „Фени“ има главен збор на состанокот, според снимката, иако транспортерите не се во негова надлежност, туку имаат своја синдикална органзација. И покрај многуте изјави во изминатиот период на највисоките владини претставници, претставници на банките и стечајниот управник дека ќе се примени форма на стечај со реструктурирање, која има цел фабриката да се стави во работа, сите доверители да бидат обесштетени, а сите вработени да останат на работа, Палитов ги информира транспортерите дека банките се во заговор да го дадат комбинатот под наем за да избегнат плаќање на долговите. Со негови зборови: „Тоа е багра, не ја интересираме ние, бе другар, тоа е багра…“. Тој ги повикува транспортерите да се здружат и „сите заедно да направиме да не проработи ’Фени’… додека не ве исплатат вас“. Тие заедно се договараат транспортерите да спремат допис каде што ќе ја искажат ваквата нивна намера, а Палитов ќе им обезбеди контакти од „соодветни“ медиуми со кои тој постојано комуницира и токму тој ден си доаѓал од Скопје каде што имал два и полчасовен состанок со медиумски претставник, кој следниот ден веќе ќе направи објава, односно со зборовите на Палитов: „Може утре ќе има најава што се случува во ’Фени’… да биде јавено за рочиштето“.

На состанокот Палитов го спомнува и „Макфакс“. Им објаснува на транспортерите дека вицепремиерот Кочо Анѓушев наредува што да пишува овој медиум, но затоа тој има свои медиуми на кои во секое време може да им се јави и да им каже што да напишат.

Палитов денес не одговори на повиците од „Макфакс“ за да даде објаснување за тврдењата за „Макфакс“, кои се апсолутна невистина, а не одговара ниту на пораките во кои му бараме изјава за очигледното лобирање за бугарската компанија.

Палитов објаснува и како швајцарски ФОС, заинтересиран за „Фени“, е „преварантска компанија, зад неа стојат криминалци… имам многу информации, не ги кажувам, не смеам да ви ги кажувам, ама ќе бидат расцепени како тикви, но тоа е друга прикаска…“, а „Бугарите се тие што даваат пари.. .понудата што ја даваат, ја даваат спрема сите страни, не знам дали целокупно, дека сите 3 или 2 (милиона) ќе ги даде, па ќе ги делиме… важно имаат математика… Израелците што нудат понуда, па заедно со нив се и ’Кунико’, мислам ’Енекод’… сите овие 3-4 фирми заедно сакаат да го прекинат сето ова…“

Тој појаснува како денот го поминал во Скопје и дека имал состанок „со еден многу јак човек во Македонија“ на кого му ја објаснувал ситуацијата, а за кој нашите извори тврдат дека станува збор за лидер на една од најголемите партии во државата.

Во текот на состанокот Палитов се договара со транспортерите заеднички да се појават на рочиштето за стечај на „Фени“, дека тој сигурно ќе влезе на рочиштето и ќе се избори да влезат и претставници на транспортерите, ако треба, ќе направат збрка и „сите заеднички, јас со вработените, ќе направиме масакр, а исто и вие…, а таму ќе има и телевизии, секако и оние што ги бранат и ќе кажат сè што треба“.

На снимката Палитов им кажува на транспортерите дека „Фени“ во моментот е битка меѓу ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и сегашниот вицепремиер Кочо Анѓушев и уверува дека додека Маркос Камхис од „ФОС Асет“ давал интервју на телевизија пред камера, зад параванот разговорот го следел Мијалков.

Целиот аудиозапис, полн со навреди и обвинувања против владините претставници, банките, менаџментот на фабриката до 2015 година, го потврдува сето она што со месеци го добивавме како информации од вработените, дури и пред стечајот, дека Палитов е продолжена рака на менаџментот што ја доведе фабриката во стечај, но и дека зад „Енекод“ стои токму Групацијата„Кунико“.

Продолжува утре




Спонзорирани линкови

Маркетинг