Тевдовски: Не празнувавме за да земеме еврообврзница со најниска камата

Макфакс

12/01/2018

16:17

758

Големина на фонт

а а а

По новото задолжување на државата, за 500 милиони евра кои треба да се вратат во рок од 7 години, министерот за финансии, Драган Тевдовски вели дека граѓаните не треба да се грижат бидејќи со неа, се заштедуваат 90,6 милиони евра. Тевдовски на прес-конференција се заблагодаруваше на тимот, министерството и останатите инволвирани во процесот на издавање, бидејќи поради овој процес, тие не празнувале.

„Инвеститорите беа заинтересирани за еврообврзницата. За споредба, претходните 5 еврообврзници беа со многу поголеми каматни стапки. Ова е со дупло пониска каматна стапка, а се заштедуваат 90,6 милиони евра. Средствата ќе се користат за плати во образованието, во интензивирање на капиталните инвестиции, за одбраната, а ќе се враќаат и поранешните долгови. Ние срушивме дел од долговите кои требаше Македонија да ги врати до 2020 година. Со ова го намаливме долгот и избегнавме ризик за рефинансирање. Македонија прв пат во историјата пред време враќа дел од еврообврзница. Со неа, враќаме скоро 200 милиони евра“, вели Тевдовски.

На прашањето, зошто додека СДСМ биле во опозиција, обвинувале дека ВМРО-ДПМНЕ се задолжува непотребно за зголемување на пензии и плати на администрацијата, а пак Тевдовски тоа го правда со ниската каматна стапка, а пак немало да се користи за жални врби, ниту пак, споменици. Според него, ова користење на средствата ќе било продуктивно. На реакцијата дека капитални инвестиции не е зголемување на пензии и плати, Тевдовски не одговори конкретно, правдајќи се иако ова е точно, најголем дел од средствата ќе оделе во враќање на долговите.

„Еврообврзницата е буџетирана, изгласана и одобрена од Собранието. На повеќе прес-конференции сум кажал дека Македонија ќе земе еврообврзница, која ќе има најниска каматна стапка. Правевме многу анализи, па видовме дека јануари, има највеќе инвеститори, затоа сега ја земавме. Апсолутно сме транспарентни. Меѓународните инвеститори препознаа дека во Македонија се случуваат реформи и одиме напред, па остваривме ваква каматна стапка. Не можевме порано да земеме еврообврзница, бидејќи тоа оди со гласање во Собранието“, додаде Тевдовски.

Каматната стапка на новата еврообврзница е 2,75%, а пак според Тевдовски побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница била во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг