Владимир Василевски - Четкар со концерт во Скопје: Цел свет го свртев со македонски пасош

Точка

10/01/2018

14:56

3.483

Големина на фонт

а а а

Познатиот македонски џез и фанк гитарист препознатлив под псевдонимот Четкар, кој живее и работи во Њујорк, а музицира буквално низ целиот свет и досега има настапувано на сите светски релеватни џез фестивали и клубови, на 17 јануари со почеток во 21.30 часот ќе настапи во ноќниот клуб „Станица 26“.

Концертната свирка е во организација на „3Гонга“, а Четкар за првпат настапува со септет, составен од познати македонски музичари .

Со насмевка на лицето и среќа во срцето се присетува на сите фестивали на кои настапил досега, а ги има многу. И тоа низ целиот свет. Тие изведби го потсетуваат на тоа дека сè е можно, ако се стремиме кон тоа искрено. Имал концерти во САД (во речиси сите поголеми градови), Канада, Англија, Италија, Унгарија, Јужна Кореја, Индија, Кина, Хонгконг, Индонезија, Камбоџа, Тајланд, Малезија, Србија, Мексико...

Настапил и на едни од најголемите фестивали во светот како „Зигет Фестивал“ (Sziget Festival) во Унгарија, „Блу Ноут Џез Фестивал“ (Blue Note Jazz Festival) во Њујорк, „Јарасум Џез Фестивал“ (Jarasum Jazz Festival) во Јужна Кореја, „Џава Џез Фестивал“ (JavavJazz Festival) во Индонезија и на многу други интернационални фестивали. А, и во познатите американски и англиски џез клубови, како „Блу Ноут“, „Иридиум“, „Би Би Кинг Блуз Клаб“... На 17-ти јануари во „Станица 26) за првпат во Македонија ќе настапи со септет.  


- Досега во Македонија најчесто настапував со секстет, квартет или трио, а ова ќе биде првпат да настапам тука со септет. Во „Станица 26“ со мене на сцена ќе бидат: Ѓоле Максимовски на бас, Филип Стевановски на тромбон, Борислав Веселинов на тенор саксофон, Демир Катуровски на труба, Виктор Филиповски на тапани и Гордан Спасовски на клавијатури. Ќе свирам моја авторска музика и аранжмани од двата албума, а ќе отсвирам и неколку нови композиции, кои во 2018 година ќе се најдат на мојот трет студиски албум.


Тимот кој стои зад „3Гонга“ се исклучителни познавачи и вљубеници во музиката, кои работат со голема посветеност. Обостран е ентузијазмот за оваа соработка и затоа воопшто не се сомневам дека ова ќе биде прекрасен концерт.

Владимир, завршивте музичка продукција, аранжман и џез гитара на прочуениот „Беркли“ колеџ во Бостон, САД. Дипломец сте на отсекот за современо пишување и продукција. Колку Ви помогна оваа наобразба во музицирањето понатаму, бидејќи велат талентот е само 1 отсто, а сè останато е образование и многу, ама многу вежбање?

Искуството и едукацијата во „Беркли“ за мене беше бесценето. Се стекнав со толку многу информации кои се уште ги дигестирам во мојот креативен систем. Без работа, упорност и правилен пристап кон нештата, и талентот и едукацијата можат да бидат залудни. Сепак комплетноста на една личност е пресудниот фактор за успехот во секое поле.


Иако гитарата е Вашиот инструмент, ја започнавте музичката наобразба како виолинист. Што Ве натера да го смените кормилото?

Како мал сакав да свирам гитара, меѓутоа во основното музичко училиште во Охрид немаше таква опција. Размислував многу и кога моите ми рекоа дека виолината е речиси исто како гитарата, се одлучив за виолина. Секако, тоа не беше точно. Сепак, сум благодарен што почнав со виолината, зашто денес една од моите аранжерски специјалности е токму аранжирање за гудачки секциии.

Иако одамна живеете во САД, во почетокот во Бостон, денес во Њујорк, сепак велите дека вистински никогаш не сте ја напуштиле Македонија. Што сакате да кажете со тоа?


За да ја напуштиш својата држава треба да имаш друго постојано место на живеење. Секоја година по просек околу 5 месеци сум во Македонија, останатите во САД и во Азија. Имам само македонски пасош и секаде патувам со работни неимигрантски визи. Со моите ангажмани во САД, 18 години по ред ја добивам престижната уметничка виза О1. Природата на мојата работа е таква што настапувам и снимам секаде во светот, што значи постојано патувам. Но, моја единствена татковина е Македонија.

Имате свој постојан музички бенд со кого настапувате или повеќе сакате да соработувате со различни музичари од целиот свет?

Бидејќи сум автор, продуцент и фронтмен, природно е да немам постојан бенд, туку огромен круг музичари со кои постојано соработувам.

Во што е предноста постојано да се искусуваат соработки со нови и нови музичари?

Тоа го гледам како благослов. Кога постојано свирам со нови музичари од различни краеви на светот постојано учам нови работи, а така мојата музика секогаш звучи свежо и со нова енергија и шарм. Некогаш е напорно кога се прават постојани проби со нови музичари, но тоа е мала жртва за сите тие нови хоризонти кои се отвораат од тие соработки. Би се изненадиле колку многу од професионалните музичари имаат еден ист универзален јазик кој понекогаш потсетува на телепатија и кој одлично функционира на сцена и во ситуации кога со нив сте се запознале истиот тој ден кога треба да свирите.


Најчесто, добриот, комплексен и органски звук е тешко да се категоризира во одреден жанр. Со какви музички елементи си поигрувате во компонирањето?

Кога авторската музика е дестилат на повеќе жанрови е убава, но платформите преку кои се продава инсистираат на тие дефиниции. Во кратки црти мојата музика е љубовно чедо на џез, фанк, соул, диско и поп музиката.


Зад себе имате два студиски албуми. Кои промотерски куќи стојат зад вас?

Мојата музика е дистрибуирана во повеќе земји низ светот. Ја имам честа да бидам дистрибуиран и промовиран од некои од најпознатите музички куќи во светот за џез, фанк и соул како „P – Vine Records“ и „BBQ Records“ во Јапонија, „Warner Music Korea“ и „C&L Music“во Јужна Кореја, „Hitman Jazz Records“ во Тајланд и Југоисточна Азија, „Soul Brother Records“ и „Expansion Records“ во Англија, „Newtown records“во Австрија/Германија, „Surya Records“ и „Diamond Records“ во Италија...

Без работа, упорност и правилен пристап кон нештата, и талентот и едукацијата можат да бидат залудни.


За да ја напуштиш својата држава треба да имаш друго постојано место на живеење. Моја единствена татковина е Македонија.


Неколку фото-сведоштва од настапите низ повеќе светски метрополи.



Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Бојан Стоилковски и приватна архива 



Спонзорирани линкови

Маркетинг