Илија Димовски од пратеник со најдолг стаж до лидер на ВМРО-ДПМНЕ?!

Макфакс

06/12/2017

15:57

7.203

Големина на фонт

а а а

Илија Димовски е пратеникот со најдолг стаж на партијата ВМРО-ДПМНЕ и со последните предвремени парламентарни избори ја троши 11-тата година во Собранието. Една од прогнозите на стручната јавност деновиве е дека Димовски после конгресот можно од пратеник, да стане претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на местото на Груевски.

Димовски со неполни 26 години, станува пратеник по изборите од 2006-та, при што неговата заслуга се темели на партиски активизам во Велес како дел од унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Приврзаникот на Груевски важи за еден од најдобрите оратори во партијата и еден од највлијателните гласноговорници, со поминати бројни странски обуки за јавен настап и ПР. Димовски гласно зборуваше и за процесот на десоросоизација, иако Фондацијата институт отворено општество ќе обелодени дека и тој користел од парите додека бил член на пододборот за доделување грантови за младински програми.

Јавноста ќе се разбранува во 2009-та по донесувањето на пресудата за аферата „Шпион“, каде што обвинитетот Марјан Ефремов во писмениот извештај ќе посочи дека од Илија Димовски добивал информации за состојбата во партијата и државата и за односите со колацискиот партнер ДУИ. Извештајот на Ефремов, во “Шпион“ бил заведен како “ИЛЕ-3“ и бил испратен до унгарската разузнавачка служба.

Црна дамка во неговата кариера е и отворената постапка пртоив него, при што се сомничи за кривично дело злосторничко здружување и злоупотреба на државни пари за финансирање изборите во 2014-та година. Постапката ја покрена СЈО за предметот Титаник во кој покрај него се товарат лица од сегашното највисоко раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Апелациониот суд на Димовски, му изрече мерка на претпазливост со одземање на пасошот и еднаш неделно јавување во судот. Димовски во неколку наврати бараше судот да му го врати пасошот и тврдеше дека нема каде да бега.

Инаку, гласот на пратеникот неколку пати на кратко се слуша во “опозициските бомби“ во разговор со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Тој важеше за жесток противник на продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. При давањето на отчетот за сработеното, во Собранието Димовски во неколку наврати ја обвини обвинителката Катица Јанева дека работи во интерес на СДСМ.

Димовски, во сите овие години ја добива довербата од гласачкото тело во централниот дел на Македонија. На последните предвремени избори, тој го обели образот на партијата, при што во изборната единица број 3 донесе најголема предност во гласовите во однос на СДСМ. Покрај довербата кај гласачите тој важи и за близок до лидерот Никола Груевски, а член е и на едно од највисоките тела на партијата, на Извршниот комитет.

Паралелно со пратеничката Димовски, добива и функција во партијата. Највисоката партиска функција му била доверена во 2007 година, кога станува директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Седум години подоцна дава оставка од функцијата, со образложение дека има зголемени активности во Собранието при што паралелно е координатор и ја води пратеничката група на најголемата парламентарна партија. Во моментот уште ја извршува функцијата координатор, но овојпат на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ. Димовски е член на повеќе собраниски комисии и воедно потпретседател на Национален совет за евроинтеграции.

Кон пратеникот, во неколку наврати беше вперуван прстот дека нема завршено високо образование. Опозициска СДСМ го напаѓаше и го прогласи за „вечен студент“. За волја на вистината во биографијата на Димовски, во првите два мандати (2006-2011) стои дека е Апсолвент на Правниот факултет, а веќе од 2011-та неговиот образовен профил е сменет со дипломиран правник и постдипломец на Правниот Факултет во Скопје.

Димовски е роден во 1980 година во Велес, каде што завршил основно и средно образование и не e оженет.



Спонзорирани линкови

Маркетинг