Груевски негира вина во случајот „Траекторија“

Макфакс

06/12/2017

11:25

805

Големина на фонт

а а а

Лидерот на опозицијата, Никола Груевски повторно изјави дека негира било каква вина во случајот „Траекторија“, каде се терети за злоупотреба на службената положба и овластувања за лични цели во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Тој истакна дека сѐ што направиле било согласно законот и поминало на седница во Собранието.

„Бев поканет на суд со колегите, обвинети сме за нешто што Владата на СДСМ го направила во минатото, но и сега го прави. Во минатото имаме случај каде што при изградбата на хидроцентралата „Козјак“, на исти начин и во иста постапка владата на СДСМ, земала кредит од Кина и ја исфинансирала градбата на „Козјак“. Сега кога повторно дојде на власт СДСМ, на исти начин и во иста постапка се направи анекс на договорот, а тој анекс се преточи во закон за потоа да помине во парламент. За нешто што се правело во минатото, се прави и сега, ние сме обвинети, па сега видете“, рече Груевски.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски ги избегна камерите без коментар за судењето и текот на постапката.

Во случајот „Траекторија“, заедно со Груевски обвинети се и вицепремиерот Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Според обвинението што го покрена СЈО, тие му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да стекне имотна корист.



Спонзорирани линкови

Маркетинг