Рамбо Амадеус за Точка: Штом се ослободиме од кромањонскиот менталитет, човештвото ќе тргне забрзано напред!

Точка

29/11/2017

12:18

1.937

Големина на фонт

а а а

Антоније Пушиќ ака Рамбо Амадеус од синоќа е во Скопје и со својот бенд се подготвува за вечерашниот настап во клубот „Станица 26“ во организација на музичката продукција „Три гонга“. На сите добро познат по фасцинантниот хумор и уникатниот џез звук искомбиниран со повеќе други жанровски елементи, тој е и остана еден од ретките музичари од екс-ју просторите кои не се плашат да го изговорат она што го имаат на ум. И секогаш има што да се чуе од него. Забавен до коска, што би се рекло. И исклучително шармантен. И за tocka.com.mk проговори во свој стил, со многу хумор, а во суштина многу сериозен...


Повеќе пати сте ја посетиле Македонија и сте настапиле пред овдешната публика. Што Ве радува, а што Ве разочарува кога ќе дојдете тука, во земјата на маргините на светската политика и економија?

Доаѓам често, но останувам секогаш многу кусо и затоа не можам соодветно да ги забележам нештата кои би ме разочарале. Секогаш сум воодушевен и под силен впечаток на срдечното, јужно гостипримство, на исклучително музикалната публика, посветените организатори кои ја сакаат музиката и прават концерти само заради музиката, одличната храна и убавите жени. Сигурен сум, дека како и кај нас во Црна Гора и тука постојат многу неправилности и недостатоци, но некако ми е помило да се фокусирам на она што е убаво. Не верувам дека вашите проблеми се поинакви од нашите. Неправедна приватизација, огромни социјални разлики, одлив на умови, судство под влијание на власт... тоа е исто и кај нас. Верувам дека проблемите се исти.


Вашата прес конференција се случи во срцето на Скопје, каде е и „сместен“ проектот Скопје 2014-та оставштина од претходната влада. Мислењето тука е поделено... Некои го поддржуваат, а некои „жешко“ го критикуваат. Вашиот коментар?

Ако мислите на споменикот на Александар Македонски, првиот впечаток ми беше дека е преголем во однос на големината на плоштадот, но и тоа може да се среди – ќе се тргнам малку понастрана околните згради и се ќе биде во ред! Тешко е да се достигне генијалноста на Иван Мештеровиќ. Тој знаеше да направи огромни скулптури, а да изгледаат истовремено импозантно и елегантно. Но, верувам дека и некои други талентирани скулптори во иднина ќе успеат да го направат тоа со мали интервенции.

Жените ги доживувам како човечки битија, а дури потоа, во детали, од случај до случај, која како


Ги следите и коментирате и глобалните случувања, па каде сме и каде одиме како цивилизација?

Интернетот направи квантен скок во комуникацијата меѓу луѓето. Го промени менталитетот. Мрежата содржи во себе гигантска Александриска библиотека. Сите знаења на светот на сите им се достапни. Нас како цивилизација нѐ очекува огромен, забрзан скок што ќе донесе многу промени. Погледнете ги само новите пари, криптовалути, Блокчеин технологијата – тоа од корен ја менува економијата и човековото однесување во целина. Погледнете ја роботиката, автоматизацијата, генетскиот инженеринг... Мислам дека како човечки род сега ги имаме сите знаења од земјината топка да направиме Едемска Градина. Недостасува само уште да изумре кромањонскиот менталитет кој постои во нас, особено во политиката, како локалната така и глобалната. Штом се ослободиме од националните, верските и расните поделби, човештвото ќе тргне забрзано напред!


Како Вие го живеете системот или подобро кажано Балканскиот квази капитализам?

Тоа е феудализам со мобилни телефони. Сам на себе си си измислив работа. Не дозволувам другите да ми наметнуваат што да работам.

Уникатен и во стилот на облекување


Се случуваат промени... Големи, кои повеќето луѓе не можат да ги разберат, но ги насетуваат оние кои се отворени во срцата и свесни. Ве цитирам: „Бегалската криза е само претходница, еден мал процент во однос на климатските бегалци кои ќе бегаат од суши и жештини во текот на следните 50 години. Тоа е фантастично комплициран сигурносен и морален предизвик за целиот северен дел од земјината топка“. Според Вас, не очекува природен проце или се „готви“ нешто друго?

Глобалното затоплување во најголема мерка е предизвикано од човековото однесување, па е реално да очекуваме токму човекот и да го запре. Погледнете ја Кина, до скоро покрај Америка беше најголемиот загадувач, а сега е прва во имплементација на еко технологии. За 20 години Кина ќе биде чиста.


Верувате ли во моќта на идејата на поединецот?

Секако. Особено денес кога идеите не остануваат заробени во фиоки, туку веднаш ги гледаме објавени на Интернет. Многу од нив се реализираат и преку ноќ.

Не дозволувам никој да ми каже што треба да работам


Хуморот е клучниот елемент во Вашето творештво и главна алатка за изразување. Во суштина тоа е најтешкиот жанр во било која уметност. Но, Вам Ви е идеален за критика на матриксот кој го живееме. Како одржувате кондиција во однос на хуморот, а при тоа Вашата порака да допре до многу луѓе и да не биде саркастична?

Не знам ни јас точно. Таква ми е хемијата на мозокот. Кога сте во состојба да се пошегувате со некој проблем, тогаш сте и способни и да го решите.


Се смеете често?

Не. Повеќе ги засмејувам другите. Тешко ми е да се насмеам. Не знам зашто.



Се опирате ли на наметнатите морални правила (стеги) кога се работи за начинот на живеење или ги игнорирате (зашто најдобро се делува кога не се делува)?

Секако дека се опирам. Не дозволувам со мене да завладеат двостраните аршини. Она што вреди за мене, вреди и за другите. Најмногу се манипулира со националните и верски чувства. Токму таму гледам дека заинтересираните страни се обидуваат да имплементираат некои средновековни, одамна изумрени морали кои мора веднаш и брзо да бидат избришани.


Што Ве лути?

Препотенција, ароганција и чувство на надмоќ.


Од што се плашите?

Од глупост, неразбирање, кои најчесто одат со овие погореспоменатите.


Што Ве прави среќен?

Насмевката и смеата на луѓето околу мене.


"Без истенчен сензибилитет, интелектот е самурај без господар."



Во што верувате?

Во човекот и неговата идеја. На крајот, човековата идеја е и Бог самиот.


Колкава е моќта на музиката да го промени светот на подобро?

Музиката го менува сензибилитетот и тоа е најважно. Без истенчен сензибилитет, интелектот е самурај без господар.


Што Ве интересира во моментов? Истражувате, работите ли на нешто ново?

Обземен сум со изградбата на соларен едреник, па го немам вообичаениот луксуз да одмарам и да го набљудувам светот околу мене. Моментно се занимавам со инженерски проблеми.


Што е животот?

Привилегија на сите нас кои сме успеале да се родиме.


А, љубовта?

Љубовта кон животот пред се и кон привилегијата што сме ја добиле.

На сцена со големата нова гитара за која вели дека идеално му ги прикрива вишокот килограми


И за крај, што ќе слушаме вечерва во клубот „Станица 26“ каде ќе настапите?

Многу песни. Се надевам дека во тие два часа ќе успееме да отсвириме се што сакаме. За ниту еден настап немаме конкретно дефиниран репертоар. Се се случува тогаш во моментот на сцената!

Пишува: Гордана Настевска-Манасиевска




Спонзорирани линкови

Маркетинг