Опасност во близина на нашите граници: Џихадистите се враќаат на Косово

Точка

14/11/2017

13:19

2.146

Големина на фонт

а а а

Од косовската влада велат дека имаат подготвено стратегија за борбата против терористите, стравувајќи дека радикалните исламисти кои што се бореле на Блискиот исток, сега би можеле да изведат терористички напади на Косово.

Околу 300 државјани на соседно Косово од 2012-та година заминале во Сирија и Ирак да се борат на страната на најозлогласената терористичка организација - Исламска држава која што освои огромна територија на која што прогласи Калифат уреден според строгото исламско право.

Се проценува дека од 300-те Косовари, околу 70 го загубиле животот на бојното поле, а за останатите, вклучувајќи и жени и деца, се претпоставува дека се уште се во зоните на конфликтот и покрај тоа што Исламската држава е практично поразена на Блискиот исток.

Документот „Државна стратегија против тероризмот и акциски план 2018-2022“ е поставен од петокот на интернет страницата на косовската влада.


Потенцијалните закани кои што доаѓаат од радикалните исламисти вклучуваат „напади изведени од страна на членовите на терористичките организации, но и неактивните ќелии, како и симпатизери и поддржувачи кои што би биле инспирирани да поттикнат насилство“, стои во документот на косовската влада.

Меѓународните и локалните безбедносни агенции претходно предупредија на опасноста која што ја претставуваат борците повратници, а во 2015-та година Косово донесе закон со кој што борбата во странство ја прогласува за казниво дело кое што предвидува затворска казна до 15 години.

Тоа што загрижува е дека во извештајот е наведено дека постоеле „јавни повици за изведување на терористички напади на Косово, но и во регионот“. Тероризмот е „една од најголемите закани по националната безбедност“, стои во документот.


Речиси 90% од популацијата на соседно Косово е со муслиманска вероисповед, иако Косово е секуларна држава. Засега исламистички напади на Косово нема, иако во јуни пет лица беа обвинети за планирање на напади на фудбалски натпревар на Албанија против репрезентацијата на Израел.

Државниот обвинител откри дека некои од тие лица биле во контакт со Лавридим Мухаџери, истакнат член на Исламската држава и самопрогласен „командант на Албанците во Сирија и Ирак“ од кој што борците со албанско потекло добиле наредба за напад. Мухаџери наводно бил убиен во Сирија.

Покрај тоа, во документот со стратегијата на косовската влада кој што е составен од страна на министерството за внатрешни работи на Косово, стои дека невладините организации го увезле радикалниот ислам од Блискиот исток на Косово откако оваа наша соседна држава прогласи независност од Србија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг