ТВ Бокс: Ако сакаш да имаш целосна уметничка слобода, тогаш најдобро е тоа да го направиш сам

Точка

24/10/2017

15:27

2.034

Големина на фонт

а а а

Изминатата недела, македонската публика имаше можност да ја погледне новата македонска телевизиска серија – ТВ Бокс.

Тргнувајќи од идејата да се внесе нов бран на енергија во телевизискиот етер, Луменетика Проект во овој проект ја комбинира креативната енергија на актерите со онаа на повеќе музички бендови, сликари, писатели, филозофи, луѓе од најразлични сфери кои со своите идеи ја надградуваат идејата за креативноста. Повеќе за идејата позади серијата, процесот на создавање и идните планови, дознајте од интервјуто во продолжение.

ТВ Бокс моментално важи за една од пооригиналните серии кои се појавија на македонскиот телевизиски пазар. Како ви се роди идејата да се занимавате токму со проблемите на телевизијата како медиум?

Идејата повеќе беше да ја искористиме телевизијата како решение во идејата за прикажување на проблемите со „пакувањето на вистината“. Живееме во време во кое пристапот до информации е мошне олеснет, а сепак, информациите ги одбираме врз база на она што не прави да „спиеме помирно“, занемарувајќи го тоа што е вистинито, односно вредно. „Вистината повеќе не е најважна, а што е тогаш важно?“.


Вие сте млади и перспективни актери. Од каде мотивацијата сето ова да го направите сами, без голема финансиска поддршка?

Како што би рекол еден наш познаник на социјалните мрежи – "овој проект не е реализиран "со помошта на народот на ниедна странска земја, ниту преку агенцијата за развој на истата ниедна странска земја" и се разбира дека нема потреба да се нагласува дека не ги застапува и изразува ставовите на било која странска земја и нејзината влада" – но тоа не значи дека ТВ Бокс нема никаква финансиска поддршка – има, а таа е минимална и е прибирана во рок од неколку месечни постојани контактирања на приватни фирми – пред сè. Ако сакаш да имаш целосна уметничка слобода, тогаш најдобро е тоа да го направиш сам и токму тоа е мотивацијата за која зборуваме.

ТВ Бокс првенствено започна како театарска претстава, која е воедно првиот проект на независното здружение за афирмација на уметноста – Луменетика Проект. Како течеше процесот на создавање на ТВ серија од сосема поинаква уметничка форма?

За да стигнеме до процесот на создавање на серијата, вредно е да се спомене процесот на создавање на претставата. Две години (на кратко) – баравме заеднички јазик кој ќе ни помогне при пишување на текстот, започнавме со пишување на текст – добивме околу 250 страни материјал, се направи драматургија и се случи ТВ Бокс – драмскиот текст.


На 50 метри дијагонала на Саем се крена конструкција од скелиња, која се подели на 10 простории од една фиктивна телевизија. Истите се опремија и секоја си доби своја намена. Се вметнаа сцени во секоја од просториите, 30тина лика се поделија на 5 актери, а публиката сè тоа го следеше од платформа во движење и се случи ТВ Бокс – театарската претстава.

Но, тоа не ни беше доволно и во рок од 7 снимачки дена, со плус 30 лика, зачинети со вистински гости кои се играа самите себеси, снимивме материјал доволен за пет епизоди од по еден час и се случи ТВ Бокс – серијата. Процесот на создавање на серијата од актерски аспект беше значително полесен имајќи ја претставата како подлога, а во однос на останатите аспекти – беше нешто сосема поинакво.

Преку серијата допирате многу суштински теми. Сметате ли дека ТВ Бокс има некакво влијание врз општеството?

Се надеваме дека ќе има и дека во најмала рака барем малку ќе го разбистри погледот кон работите и ќе охрабри други да се зафатат со самостојно реализирање на големи идеи.


Добивте одлични критики за ваквиот проект. Дали сметате дека со отворање на медиумските теми, може да се отворат и општествените?

Апсолутно. Дури би отишле до таму што би рекле дека се заемно неисклучиви.

Што следно можеме да очекуваме од Луменетика Проект?

Втора сезона дефинитивно, но нашите мозоци постојано мислат на нови идеи за блиската и далечна иднина.



Спонзорирани линкови

Маркетинг