Јелена Богојевиќ и Александар Алексовски: Во "Фчерашни новости" има позитивна енергија и тимска работа

Точка

21/10/2017

12:23

6.301

Големина на фонт

а а а

Новата ера на „Фчерашни новости“ донесе и нови ликови, но и нови презентери на пародичните вести.

Во третата сезона од студиото на најгледаната хумористична емисија „добро утро“ ни кажуваат Јелена Богојевиќ и Александар Алексовски.

Се приклучивте во третата сезона, кога публиката веќе беше навикната на претходните водители. Колку сте задоволна со тоа колку ве прифатија гледачите?

Јелена: Задоволна сум и повеќе од очекуваното како нѐ прифатија и навистина ми е драго што има убави коментари.

Aлександар: Дојде нов живот во Македонија, само што не почнала и најновата ера, па природно и логично е на Фчерашни да се појават нови ликови... Се шегувам, вистината е дека претходните водители очигледно имаат попаметна работа, па улетавме јас и Јелена бидејќи бевме следни на списокот. Немаше никакви врски при изборот. А публика си е публика, некој те фали, некој те руга. Ми се чини првите се побројни ...


Како е да се работи со екипа како онаа на Фчерашни?

Aлександар: На прв поглед лудница! Ама набргу човек забележува како тој креативен хаос се претвора во еден кохезивен хармоничен процес. На кратко, екипата е прва лига!

Јелена: Секогаш интересно, има позитивна енергија и тимска работа. Се охрабруваме едни со други, отворени сме за нови идеи и совети и најдобро е кога на работа одиш насмеан.

Бевте фанови на шоуто и пред да почнете со работа?

Јелена: Бев фан и претходно затоа што беше нов и невообичаен проект на нашиве телевизии кој можеше да ме насмее, а секако вестите ме интересираа и бидејќи завршив студии по новинарство, па ги анализирав и од тој аспект.

Aлександар: Во принцип слабо гледам телевизија, но да е жив и здрав интернетот што на таквите како мене им овозможува пристап до квалитетни содржини без примеси на шунд и невкус, па така успевав да ја пратам прилично редовно ... освен кога му бев скаран и на интернетот.

Александар, долго те немаше на телевизија, зошто се врати токму во „Фчерашни новости“?

Aлександар: Долго ме немаше од истите причини поради кои слабо гледам ТВ, образложени во претходниот одговор. Фчерашни новости кај нас, во моментов, се меѓу ретките ТВ форми и содржини во етерот што, според мене, вредат. Оттаму, прифаќањето на оваа понуда со Јелена да ги водиме Фчерашни беше за мене лесна и логична одлука.


Јелена, ова пак, е прво телевизиско искуство за тебе. Како од студиите по Меѓународно право и односи и право на ЕУ стигна до презентерското место на „Фчерашни новости“?

Јелена: Имав и претходно телевизиско искуство на Временска прогноза, повеќе ТВ реклами, детска серија „Наше маало“, филм „Бубачки“, така што ова не е непознат терен за мене, но е прв проект од ваков карактер. За презентерското место во „Фчерашни новости“ ме одбраа откако ги поминав аудициите и пробите, во истиот период кога ги завршував мастер студиите на Правниот факултет.

Претходните сезони низ студиото шеташе кокошка, имаше проблеми и со столицата, „запросување“ кое тргна во погрешен правец. Мислите ли дека ве чека нешто такво и вас?

Јелена: Верувам дека нѐ чека некое шоу и се надевам дека ќе имаме што повеќе забавнимоменти за паметење.

Aлександар: Точно е дека шанкерското столче на кое седам во студио малку се спушта, па зад бирото се чувствувам како Тирион Ланистер пред кралскиот совет. Не знам што да мислам, но да не остариме чекајќи?!

Со кој е најзабавно да се работи?

Јелена: Зависи од ситуацијата, некогаш се смееме и со целата екипа за прилозите или пишувањето на најавите, целиот процес на снимање е забавен.

Aлександар: Имам неколку фаворити, но сепак сме на самиот почеток, да видиме, некој ќе отпадне, а друг ќе влезе во листата на најзабавни ... Се шегувам. половина екипа ја познавам од порано, некои се` уште не сум ги запознал лично како што треба, но забавно ми е од првиот момент.


„Фчерашни“ се пародични вести, кои преку хумор ги прикажуваат сите нелогични работи што ни се случуваат и се вистинско освежување во етерот. Што се друго им недостига на телевизиите во Македонија?

Јелена: Недостигаат повеќе квизови и емисии со интелектуална и поучна содржина како што ги имаше порано, емисии од музички, забавен карактер, нешто поразлично од политичките емисии кои веќе ги имаме на телевизиите.

Aлександар: Телевизиите сами нека кажат што им недостасува, јас мислам дека многу работи им се одвишок. Не знам дали се сеќавате на „Дивиот свет на Тојота“? Ми се чини дека тоа беше последната документарна серија за природата во нашиот етер. Не мора да е природа, нека е наука, технологија, медицина... Е такво нешто ми фали, добра документаристика. Би им сугерирал на телевизиите наместо затапувачки турски серии да ја погледнат на пример продукцијата на ББС и да откупат некоја квалитетна, интересна програма, да научи човек нешто паметно и корисно. А, уште подобро би било да имаме наша, македонска продукција од вакви содржини.



Спонзорирани линкови

Маркетинг