Заев: Во 2018 ќе ги зголемиме платите во здравствениот сектор

Макфакс

13/10/2017

15:29

152

Големина на фонт

а а а

Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на вчерашниот митинг во Штип рече дека веќе се крои буџетот за 2018 и, како што истакна, има простор за заштеди од кои се планира зголемување на платите во здравството.

„Почнуваме и со покачување на платите во целиот здравствен сектор, за докторите и за целиот здравствен персонал. Конечна цел ќе биде специјалистите да имаат плата од 100.000 денари“, рече Заев.

Тој посочи дека особено е задоволен што од јануари в година започнува и зголемувањето на платите на професионалната војска и армијата за цели 10 проценти.

Заев за кандидатот за градоначалник на Штип, Благој Бочварски, и за советничката листа изрази големи очекувања дека тоа е тимот што ќе направи Штип да биде повторно град на гордоста во кој ќе се живее достоинствено.

„Му ја знам креативноста. Му ги знам плановите и проектите за Штип. Тој е мојата десна рака. Тој е потпретседател во партијата. Човек што е доволно упатен и ги знае сите детали, каде има резервоари во буџетот, каде државата да потпре рамо, каде треба да се пуштат пари, кои се процедурите за да може да се решаваат проблемите и реализираат проектите овде во Штип. Јас сум убеден дека не само што вие знаете туку знаат сите во Штип, знае и Илчо Захариев, дека тој е новата среќна ѕвезда на Штип која ќе блеска и сјае за цела Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на синоќешниот митинг на СДСМ и коалицијата што се одржа во Штип.



Спонзорирани линкови

Маркетинг