Северна Кореја се тресе: Откако беше детонирана хидрогенската бомба, досега имало три земјотреси

Точка

13/10/2017

15:29

4.014

Големина на фонт

а а а

Низата на потреси во областа Пунгје-ри, значи дека шестата и најголема нуклеарна експлозија го дестабилизирала целиот регион, па тука нема уште долго да се вршат тестови.

Помал земјотрес бил забележан пред неколку дена недалеку од местото за нуклеарни тестирања, но за разлика од претходните кои што биле предизвикани од бомбата, во овој случај не било така. Овој земјотрес бил трет „природен“ земјотрес на тоа место, откако Пјонгјанг нареди тестирање на хидрогенска бомба на 3-ти септември.

Потресот во петокот бил на длабочина од 3 километри и со јачина од 2,7 степени по Рихтер. Поради тресењето на земјата, експертите сметаат дека последното тестирање можеби ја оштетило целата планинска локација на северозападот од земјата каде што досега дури шест пати било изведено тестирање.

„Експлозијата на 3-ти септември имала таква сила, па постоечките тунели во подземната локација за тестирање можеби се срушиле“ изјави Ким Со-Гу, главен истражувач во Корејскиот сеизмолошки институт.


„Мислам дека регионот Пунгје-ри сега е прилично уништен. Ако се спроведе уште еден обид на тоа подрачје, постои ризик од радиоактивно зрачење“.

Според проектот "38 North" со седиште во Вашингтон, специјализиран за надгледување на Северна Кореја, после шестото тестирање на моќното оружје, во близина на локацијата на тестирањето имало огромни одрони на планините. Последната експлозија била толку силна што дури била почувствувана во Кина на 200 километри оддалеченост.

„Пунгје-ри стана севернокорејска локација за нуклеарни тестирања затоа што се сметаше дека тоа подрачје е стабилно и таму потресите во минатото беа ретки. Неодамнешните потреси покажуваат дека обидите можеби резултирале со деформација на Земјината кора“, изјави Хонг Тае-Кјунг, професор на Универзитетот Јонсеи во Сеул.


Покрај тоа, планината висока 2774 метри каде што се вршат тестирањата, еруптирала во 1903-та година. Откако Северна Кореја започна со тестирањата на таа локација, експертите стравуваат дека хидрогенските бомби можат да предизвикаат ерупција на вулкан во подрачјето Пунгје-ри.

Од Северна Кореја неодамна најавија дека нивниот иден нуклеарен тест би можел да биде надземен. Министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Ри Јонг Хо изјави дека Пјонгјанг може да тестира бомба над Тихиот океан како одговор на говорот на Трамп во Обединетите нации кој се закани со тотално уништување на Северна Кореја.



Спонзорирани линкови

Маркетинг