Во Скопје ќе нема нова зграда без зеленило

Макфакс

12/10/2017

19:46

195

Големина на фонт

а а а

Петре Шилегов, кандидат за градоначалник на Град Скопје, порача денес дека со граѓанската иницијатива „О2 Коалиција“ ги здружиле силите во борбата за чиста животна средина, чист воздух и чиста вода за пиење во Скопје.

„Денеска како пратеник во Собранието го потпишав Законот за заштита на урбаното зеленило. Со овој закон се предвидени рестриктивни мерки против сечење на зеленилото и мерки што овозможуваат интензивно зазеленување на урбаните средини, вклучително и на градот Скопје. Една од одредбите на законот е дека најмалку 20 проценти од градежната парцела мора да биде опфатена со јавно зеленило, која ќе биде животен простор на луѓето што ќе живеат во тие станбени единици.

Како градоначалник на Скопје, уште од првиот ден на сопствениот мандат ќе започнам сериозен концепт, сериозни мерки, кои ќе придонесат за ослободување на Скопје од енормното загадување. Тоа нема да биде лесен процес туку ќе биде процес во кој резултатите ќе дојдат сукцесивно. Затоа нема да дозволиме да изгубиме ниту еден ден, за резултатите да бидат што е можно побрзо остварливи.

Активно ќе ги вклучиме и претставниците на граѓанските асоцијации, во концептот на градската администрација што ќе ја предводам. Одлуките нема да ги носиме од канцеларија – автоцентрично туку ќе бидат носени со оние луѓе кои што најдобро ја знаат и ја познаваат проблематиката. Тоа сте вие, граѓанските асоцијации, кои давајќи дел од своето слободно време на волонтерска основа, проблемот го познавате во микроплан. И вие сте тие коишто ќе бидат нашиот ум за носење мудри, паметни, практични одлуки кои ќе ги решаваат реалните проблеми на граѓаните во градот Скопје.

Со Граѓанската иницијатива „О2 Коалиција“ постигнавме согласност за одредени мерки, кои ќе мора да се спроведат во борбата за чист воздух и здрава животна средина.

Како градоначалник на Скопје, ќе воведам итни вонредни мерки за време на грејната сезона, кога загадувањето на воздухот е најинтензивно. Во соработка со општините – единиците на локалната самоуправа во рамките на градот Скопје, ќе создадеме и мониторинг мрежа за мерење на загаденоста. Притоа сакам да напоменам за јавноста дека ќе го изработиме она што никој досега го нема изработено во градот Скопје, а тоа е студија во која ќе може да се видат изворите на загадувањето. Таа студија ќе биде основа за превземање среднорочни мерки во насока на решавање на прашањето за загадување на воздухот. Досега само нагаѓавме, бидејќи никој нема направено анализа што е го загадува Скопје со толкав интензитет во последниве десетина години.

Веднаш започнуваме со санирање на коритото на реката Вардар, отстранување на градежниот материјал од коритото на реката и песокот, а се обврзуваме и постојано да го зголемуваме буџетот на Градот за заштита на животната средина. Со тоа ќе ги достигнеме препораките од Европската комисија, како дел од интегративниот процес на Република Македонија, на Градот Скопје кон Европската Унија.

Бидејќи палењето отпад во и околу градот е еден од сериозните проблеми со кои се соочуваме со години наназад, предвидуваме систем на 24-часовен мониторинг на сите локации низ Скопје и околината.

Секако,најважен чекор за нас, за мене како градоначалник на Скопје од 15 октомври е итна гасификација на градот Скопје. Гасификацијата ќе ја започнеме од деловите на градот кои не се опфатени со топлификационата мрежа. Гасификацијата ја започнуваме токму од населбите што не се приклучени на топлификациската мрежа со цел до граѓаните да направиме достапен еколошки поприфатлив енергенс и поевтин за нивните домашни буџети.

Ова се само дел од мерките што ги предвидуваме. Знаете вие и подобро од мене дека борбата за здрава животна средина, за здрав воздух е борба која е перманентна и која не престанува. Борба која е света задача за нас.

Да истакнам и благодарност за присуството и за потпишувањето на овој меморандум за соработка и на сите кандидати за градоначалник на градот Скопје, што само покажува дека околу клучните работи можеме да постигнеме општ државен консензус. Бидејќи загадениот воздух и загадената воздушна средина не бира ниту политичка партија, ниту национална припадност, ниту верска припадност.

Нашите граѓани, за жал, долго време беа жртви на политиките на актуелниот градоначалник и на Никола Груевски. Поради тоа, долго време се гушевме во смог, чад и го загубивме зеленилото, особено во централното градско подрачје. Досега немаше што ќе обезбедат пристојно место за живеење на нашите сограѓани, особено во еколошка смисла. Затоа ве повикувам на 15 октомври, масовно, сите граѓани на градот Скопје да излеземе на гласање и одлучно да се спротивставиме на досегашната недоговорна политика, која не се грижеше за нашето здравје“, порача Шилегов.




Спонзорирани линкови

Маркетинг