Кривична пријава за директор што дозволил неоправдано отсуство на наставник

Макфакс

12/10/2017

14:19

367

Големина на фонт

а а а

Директорот на основното училиште во село Соколарци, Кочанско, заработи кривична пријава затоа што му овозможил на вработен во училиштето да отсуствува од работното место, односно часовите ги заведувал како одржани додека наставникот бил на пат во Италија.

Имено, од полицијата соопштуваат дека поднесена е кривична пријава против Т.Б. (36) од с. Чешиново поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување деловни книги, и против Е.С. (50) од с. Чешиново поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело фалсификување исправа.

Првопријавениот во својство на директор на ООУ „Страшо Пинџур“ во с. Соколарци и покрај тоа што знаел дека второпријавениот од 28.12.2016 до 3.1.2017 година не бил на работа, односно бил во Република Италија, не презел мерки за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против второпријавениот поради кршење на работниот ред и дисциплина.

Иако Е.С. неоправдано изостанал од работа три последователни работни дена, односно пет работни дена во текот на една година, за да му овозможи да го продолжи својот работен однос, Т.Б. евидентните листови за присуство на работа на вработените за учебната 2016/2017 година ги уништил, а второпријавениот за деновите 28.12, 29.12. и 30.12. 2016 година во дневниците за работа ги евидентирал часовите како одржани.



Спонзорирани линкови

Маркетинг