Александар Пејчиновски од концертната агенција „3 Гонга“: Почнуваме со Дамир Пух и Ерик Геилс, а во преговори сме со Брус Вилис

Точка

09/10/2017

08:30

2.650

Големина на фонт

а а а

Тој стои зад новоформираната концертна агенција и продукција „3 Гонга“, a со него колаборираат Васја Ивановски и Здравко Ситновски – Ситна. Тројца долгогодишни музикофили, подеднакво познати на скопската андерграунд и на меинстрим сцената. Како тројка се поделени со вкусовите, Пејчин по џезот, фанкот и соулот, Васја по блузот и Ситна по рокот, но едно ги спојува - добрата музика.

Во соработка со ноќниот клуб Станица 26 носат домашни, но и светски етаблирани музичари, кои ќе настапат веќе од 11 октомври, а во преговори се со холивудската ѕвезда Брус Вилис, кој одлично пее и свири саксофон, Лајонел Ричи и Кул Енд Д Генг. 

Неодамна ја основавте концертната агенција и продукција „3 Гонга“ со уште двајца партнери – Васја Ивановски и Здравко Ситновски – Ситна, кои исто така добро им се познати на скопјани, особено на музичката јавност. Сепак за оние кои се неупатени, накусо, како би се претставиле со овој амбициозен проект? 

По долгогодишна дружба, слушање музика, посета на концерти, разговори за клубски свирки, ТВ емисии, каков беше градскиот живот и каков е денес, дојдовме до реализација на заедничка идеја. Со Васја сме поврзани преку радиото, тој е од првата генерација водители диџеи на македонското радио, јас од генерациите на македонски водители и диџеи од времето на приватните радио станици.  

Во чест на големиот радиски проект, името на концертната агенција и продукција е „3 Гонга“. Васја бил дел од овој проект, едноставно сакавме и во името да има приказна. Ние сме луѓе кои ја пуштаа музиката, која ја држеа во раце... плочи, касети и цедиња, јас и денес на Антена 5 и по скопските кафулиња пуштам мизика од ЦД и плочи. Ситна и Васја беа активни во ноќниот живот со отворање на првите клубчиња по подруми и скривници и првото диско во Скопје во Технометал, фирма која ја основа и водеше мојот дедо. Јас пак бев активен со музика во Песталоци, моето средно Моша Пијаде најубавите домашни журки во 80-те и 90-те, не постоеше домашна журка да не бидам таму. Од нив двајца имам гледано и учено многу, тоа нешто сум го продолжил и во моето време на турбо градско живеење, ентузијазам 100 проценти музика и забава.


„3 Гонга“ е спој на повеќе генерациско искуство и ентузијазам, но во едно ново руво, прифатливо за сите генерации. Скопје и Македонија ја имаат мизичката сцена, групи и музичари, истата нема каде да се претстави себеси. Тука доаѓа нашето искуство бидејќи сме сведоци како големите имиња од гараж бендови и месни заедници станаа она што се денес, истото ќе го понудиме на новите генерации во Станица 26, клуб кој сериозно застана позади нашиот проект. Со помош на мојот професионален моментален ангажман – програмирање и развој, целиот проект ќе биде во тек со сите технички и технолошки новитети, односно проектот ќе биде поддржан со одлична мобилна апликација, веб-страна и профили на сите социјални мрежи за директна комуникација, се она што го бара денешното современо живеење, комуницирање, слушање и гледање музика.

Најавувате сериозна соработка со ноќниот клуб Станица 26 и имате договорено уште посериозна листа на џез музичари, не само од македонската сцена, напротив и светски звучни имиња, кои скопјани ќе имаат можност да ги видат во овој клуб. Но, да почнеме со ред. На 11 октомври во клубот ќе настапи гитаристот Дамир Пух. Кои се причините поради кои не смееме да го пропуштиме овој концертен настап? 

Дамир учествуваше на гитарски мизички избор надвор од Македонија, каде во ранг на 450 гитаристи од цел свет беше избран во најдобрите 7, а потоа следеа многу први награди на други фестивали. Има одлично чувство за композиција. Така, неговиот албум кој ќе биде промовиран на 11 октомври е вистинско гитарско ремек дело. Јас лично многу го сакам гитаристот Џо Сатриани, новиот албум на Дамир мене ми е најблизок до оваа легенда. Покрај Дамир, на гитарската сцена во Македонија се и Дамјан Пејчиноски и Давид Нешкоски, ова се моментално најдобри гитаристи од оваа генерација. Сите креираат музика и се почитувани надвор, од таа причина сакаме да отвориме можност секој наш музичар да има можност да настапи на домашна сцена пред публика. Целта на 3 Гонга и Станица 26 е градење на клупската свирка кај нас. 


Веднаш следната вечер на 12 октомври во клубот Станица 26 ќе гостува врвниот американски гитарист Ерик Геилс. Што можеме да очекуваме од неговиот настап?

Уф, жустра свирка, човекот е гитарски виртуоз, реинкарнација на Џими Хендрикс. Како што минатата година на Скот Хендерсон си поминавме многу добро, со Ерик Геилс во клубски амбиент ќе биде уште подобро, уживање за сите гитаристи, блузери и рокери.

За ноември имате уште поамбициозна програма – како засебни концертни настапи ќе имаат холандскиот гитарист Јан Акерман, нашиот брилијантен гитарист Дамјан Пејчиноски, понатаму љубимецот на скопјани Рамбо Амадеус и американскиот тапанар Денис Чамберс. Некако наеднаш ја оживувате клупската џез сцена. Што ќе значи ова за Скопје?

За вакво нешто се збори и се има желба многу одамна. Не би се ограничил на џез сцена, ќе има блуз, рок, фанки, соул вечери и се што е добра музика во склад со имиџот на клубот. Ние како тројка сме поделени со вкусовите, јас сум по џезот, фанкот и соулот, Васја по блузот и Ситна по рокот, но едно не спојува, добра музика. Скопје ќе добие место каде ќе се слуша музика во живо, клупски свирки. Мислам дека градот ова го заслужува, покрај Скопскиот Џез Фестивал, Блуз енд Соул фестивалот и другите фестивали од делот на визуелната и аудио уметност, дојде момент на развој на клупската сцена како посебна урбана култура. Во ноември да напоменам дека ќе се оддржи и концертна промоција на новиот албум на групата Кабадајас, Џоле и Дино се мојата омилена ритам секција, периодов активно работат во студио и во ноември ќе биде издаден албумот. Во издавање на овој албум “3 Гонга” има план да помогне во реализација.


Новата календарска година ја започнувате повторно со закажани настапи, кои имиња ви се следни на списокот?

Следната година ја започнуваме со Лаки Питерсон кој по цели 20 години повторно Васја го носи во Скопје, договарањето е при крај. Станува збор за гитарска блуз легенда кој што своето музицирање го започнува во клубот на својот татко во Бафало САД, така што овој пат ќе го видиме во вистинско светло. Почетокот на 2018 година ќе следи концертна промоција на новиот џез албум на нашиот гитарист Пепи Ренџов, кој по латино звукот се враќа на своите корени - џезот. Гитарата на Пепи ми е најблиска до Џорџ Бенсон, се уште не знам во кој правец овој пат Пепи ќе не изненади. Крај на јануари договараме свирка со Влатко Четкар кој ќе се претстави за првпат во поинаков состав со 20 мизичари на сцена со негови гости од светот, гудачки квартет, трубачи, пратечки вокали, клупската атмосфера едноставно ги отвора музичарите со повеќе енергија и идеи. Оваа чест припаѓа на “3 Гонга” да го организира овој концерт.

Она што можеби најмногу ќе ги возбуди, не само сладокусците на џез и блуз музика, туку и останатите поклоници на звукот е фактот што сте во преговори со холивудската ѕвезда Брус Вилис, кој е одличен саксофонист и настапува со својот бенд, понатаму музичкиот маг Лајонел Ричи, како и веќе подзаборвените ѕвезди од 80-те, Кул Енд Д Ганг. Сериозни сте во намерите?

Овој период е активна комуникацијата со концертните менаџери од светот, еден од нив беше наш гостин на почетокот на септември, сето горе наведено го имаме како понуда. Да, Брус Вилис е на турнеја со својот блуз бенд, тој свири саксофон, а со музика се занимавал пред да стане она што е денес. Лајонел Ричи и особено Кул Енд Д Генг се оние со кои јас израснав и беа редовно пуштани од моја страна на сите забави. Лајонел Ричи во 2018 година е на концертна турнеја на отворени сцени, простори. Кул Енд Д Генг исто така се на турнеја, но со друг пејач. Преговараме со Фред Весли кој е дел од легендарната група Д ЏејБис каде беше заедно со Џејмс Браун, Мејсио Паркер и Нилс Ландгрен од Шведска, носител на новиот бран на фанк музика - неговите албуми често и ги пуштам во мојата емисија на Антена 5 во понеделник од 20 до 22 часот. Преговорите се во тек, да се надеваме дека овие големи ѕвезди ќе ги доживее Скопје.

Со целава зацртана музичка програма интимно посакувате, не само да ја размрдате музичката сцена кај нас, туку постепено и да ги подобрите навиките на публиката и да покажете дека можеме да фатиме приклучок со европските и светските стандарди за тоа што се вика квалитетен звук и начинот на кој се восприема истиот...

Станица 26 се отвора на 10 октомври, во моментов се реновира, внатре ќе има комплетно ново озвучување и светло, клубот се прилагодува кон новите концепти за 17/18 клупска диџеј сцена и клубски свирки со „3 Гонга“, така што аудио и визуелно се ќе биде приказна за себе. Сцената ќе се адаптира за секој изведувач, диџеј или група. Сакаме за една поголема публика која претежно поради обврски не излегува, но секогаш е присутна на сите концерти и фестивали да и понудиме место за излегување како опција, но место каде во интимна атмосфера ќе биде во близок контакт со мизичарите и групите. Клупската свирка нуди можност за директна комуникација и разговор со изведувачите и најубавото, можност за сешн по концерт, сакаме забавата да продолжи после концертот каде странските изведувачи ќе ги чујат нашите групи и изведувачи што е неверојатно искуство за сите. Како на пример Ерик Гејлс ќе биде во Скопје и вечерта ќе биде гостин на концертната промоција на Дамир Пух, каков подарок е тоа за Дамир. По концертот, бендот на Дамир продолжува со свој сешн, како што вели Васја може да се качат на сцена и заедно со нашите мизичари да направат луда забава... е токму тоа го нуди клубот и ја има својата предност, тоа е нашата желба.


Вашиот амбициозен концепт не запира тука, имате за цел да ги подигнете на пиедестал и нашите современи рокенрол и електронски бендови и да ги поставите, не само на македонската, туку и европската музичка мапа. Што ви е планот?

Во контакт со странските менаџери ги нудиме и нашите мизичари и групи, ги затрупавме со албуми и веб линкови од наши групи. За почеток започнуваме соработка со клубови од соседните држави со кои освен размена на гости од надвор, би имале размена и на наши локални групи. Веќе имаме најавено 12 гости организатори на џез и блуз фестивалот во Митровица, ќе бидат кај нас на 11 и 12 октомври, потоа ние ќе возвратиме.

Споменавте дека сакате да создадете и ТВ емисија, посветена на сите овие концертни изведби, идеен програмски концепт кој реално многу недостасува во медиумите. Кој би бил ефекот од оваа идеја?

Ова е моја стара љубов, тие што ја следат оваа сцена можно е да се сеќаваат на мојот прв ТВ проект на А1 „Џез Бина“ во ‘95та и‘02 година „Инструмент“ на Канал 5. Овој пат сакам да го реализирам мојот сон – ТВ емисија со клупска сцена. Емисијата би била покриена со сопствени концертни аудио и видео материјали и интервјуа. Секој наш музичар ќе има можност да се претстави на национална ТВ станица пред голем аудиториум и пред директна публика во клуб. Сето ова ќе поттикне продажба на музика како и симнување на истата, едноставно создавање на попкултура на денешно ниво, за љубителите на плоча и ЦД да имаат можност да ја допрат музиката и за зависниците од новите електронски медиуми. ТВ емисијата би ја покривала и електронската мизичка сцена, која ќе се презентира во Станица 26, тука се голем број наши диџеи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг